Замрзнати имотот и сметките на Сеад Кочан!?

Судијка на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 попладнево на барање на Специјалното јавно обвинителство донела решение за замрзнување на имотот на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, против кого се води постапка во случајот „Труст“, а којшто во моментов е во бегство, дознава Актуелно, од извори од „скопска единица“.

Решението кое, според нашите информации, опфаќа замрзнување на сиот движен и недвижен имот, сметките на компанијата „Трансмет“, телевизијата „Нова“, и уште некои фирми каде што тој има удели, но и неговите приватни сметки, веднаш по донесувањето е испратено до СЈО.

Обидот да стапиме во контакт со портпаролите на Основен суд Скопје 1, но и на Специјалното јавно обвинителство, за да ни ја потврдат или демантираат информацијата, вечерва остана безуспешен. Работното време во „единица“ и во СЈО беше одамна завршено и на телефоните и таму и таму не се јавуваше никој.

Сеад Кочан, за кого има донесено решение за притвор, а заради негова недостапност е распишана потерница за приведување, се сомничи дека во 2011 година за тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаловина до комисијата доставил фалсификувани документи за, наводна, техничка и кадровска опременост на неговата компанија „Трансмет“, и на тој начин заедно со „Силекс неметали СТ“ и „Вато“, незаконски наплатил 17,2 милиони евра.

Во случајот на СЈО именуван како „Труст“ второосомничен е Василије Авировиќ, управителот на „Силекс неметали СТ“.