Западен Балкан од денеска без роаминг

Од денеска се укина роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.

Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава нема да доплаќаат
повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во споменатите земји, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС.

Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надомест за корисникот.

Користењето на роаминг услуги под вакви поволности е регулирано со политики за фер користење и одржливост, пропишани од Агенцијата за електронски комуникации. Целта е да се отстранат можностите за залоупотреба, како и да се задржи одржливоста во финансиското работење на операторите.

Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април 2019 година во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан.

Следен чекор се активности за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Македонија има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.