Запалени три куќи кај Побожје, гори во прилепско и кумановско

Пожарот во пехчевско-беровскиот регион е ставен под контрола, а се уште гори во Чучер Сандево во Скопје, поточно во Побожје, каде што се запалени три куќи. Уште гори и во кумановскиот и прилепскиот регион.

Во меѓувреме, локализиран е пожарот во селото Разловци во делчевскиот регион, но и
оној кај селото Герман во Крива Паланка.

До 16 часот, пожарот во пехчевско – беровскиот регион е ставен под контрола.

Пожарот во Сарај, кај селата Раовиќ и Буковиќ е се уште активен и таму, во текот на денешниот ден, во повеќе наврати, дејствуваше авионот на романското воено воздухопловство.

Активни пожари има во општина Чучер Сандево, кај селото Побожје, каде се запалени три куќи.

Активен е пожарот во Петровец, во село Дивље, во месноста викана Крушје, но тој е со намален интензитет и оној во Прилеп, кај Топлица.

Околу пладне гореше и во Агино село. Tаму се запали сува трева и стрниште.

Од 15 часот повторно е активен и пожарот кај Македонски Брод, кај селото Слатина, заради што патниот правец од Македонски Брод кон Самоков е во прекин.

Пожар со помал интензитет има и во прилепскиот регион кај селото Средорек, меѓутоа тој се држи под контрола и постојат изгледи дека за кратко време истиот ќе биде локализиран.

На терен постојано се припадници на Армијата, Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарни бригади и месно население.