Започнува 33. Поетска ноќ во Велестово

Од денес до недела ќе се одржи 33. Поетска ноќ во Велестово која ќе биде посветена на поезијата на Ристо Лазаров и на творештвото на охридските уметници Славко и Никола Упевче.

Во рамки на манифестацијата ќе биде отворена изложбата „Татко и син Упевче“ на отворениот простор и во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ ќе биде откриен мозаик на кој е претставено логото на манифестацијата, изработен од Никола Упевче.

Беседа за Ристо Лазаров ќе одржи Димитар Пандев, а негови стихови ќе интерпретира Ивица Цонев.

Интернационалното читање ќе се одржи в сабота со почеток во 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид со поезија од Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, Надија Реброња од Србија и Андреј Ал-Асади од Македонија.

Поради ситуацијата со коронавирусот, поетесите од Исланд ќе се претстават преку видеопроекција.

Последната вечер насловена „Поезија ‒ Залез“ ќе се одржи в недела со почеток во 18 часот на локалитет во Велестово, а ќе читаат поетите Д.А. Лори, Надија Реброња, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади.

И годинашното издание на манифестацијата ќе се одвива според препораките и протоколите за заштита од Ковид-19.