За да се заразите со корона не треба многу

LinkSense.mk

Само една мала капка полна со коронавирус е доволна да зарази некој со Ковид. Таа капка може да биде мала како човечка крвна клетка, што значи дека навистина не е потребно многу за да се добие инфекција со корона.

Ова е само едно откритие од студијата во која здрави доброволци намерно се заразиле со корона, а како што пренесува Си-Ен-Ен, наодите од студијата се објавени во списанието Природна медицина“ (Nature Medicine).

Ваквите истражувања, наречени „студии на предизвик“, можат да бидат контроверзни бидејќи на здрави луѓе намерно им се дава вирус или друг патоген за да биде проучен нивниот ефект врз човечкото тело. И покрај заштитните мерки, постои елемент на ризик, особено кога се проучува нов вирус. Но, таквите истражувања, пак, се исклучително вредни за разбирање на текот на инфекцијата.

Навистина не постои друг вид на студија каде што можете да го направите ова, бидејќи обично на пациентите им обрнувате внимание само ако имаат развиено симптоми, така што ги пропуштате сите претходни денови кога се развива инфекцијата“, рече д-р Кристофер Чиу, главен автор на студијата, лекар за заразни болести и имунолог на Империјал колеџ во Лондон.

Испитувањето започна во март 2021 година и опфати 36 волонтери на возраст меѓу 18 и 30 години. Ним им беше дозволено да учествуваат само ако немаат фактори на ризик за развој на тешка форма на Ковид-19, како што се прекумерна тежина, намалена функција на бубрезите или црниот дроб и какви било проблеми со белите дробови, срцето или крвта.

Покрај тоа, волонтерите потпишале обемен информативен формулар со согласност да учествуваат во студијата.

За дополнително да ги намалат ризиците, истражувачите ја спровеле студијата во фази. Првите 10 заразени доброволци го примија антивирусниот лек ремдесивир за да се намалат шансите за напредување во сериозна болест. Исто така, истражувачите имале подготвени моноклонални антитела во случај нечија состојба да се влоши.

На крајот, ремдесивир се покажа како непотребен, а истражувачите не мораа да им даваат антитела на волонтерите.

Волонтерите, преку долга тенка цевка вметната во нивниот нос, добија мала капка течност со изворно откриен вид на корона вирусот.

Тие биле под медицински надзор 24 часа на ден и престојувале две недели во собите во лондонската Ројал Фри болница. Собите имаа посебен проток на воздух за да се спречи бегството на вирусот.

Вкупно 18 учесници биле заразени, од кои двајца не развиле никакви симптоми. Пациентите немале тешка форма на болеста и само носот им бил затнат, кивале и ги болеле грлата. Повеќето од волонтерите, дури 83 отсто од нив, донекаде го изгубиле чувството за мирис, додека девет од нив воопшто немале мирис.

Мирисот на повеќето им се вратил по завршувањето на истражувањето, а само на едно лице не се врати во нормала, туку се подобри. Ова загрижува бидејќи резултатите од друга неодамнешна студија покажаа дека губењето на мирисот е поврзано со промените во мозокот. Др. Чиу вели дека на волонтерите им дале когнитивни тестови за да ја проверат нивната краткорочна меморија и времето на реакција.

Иако сè уште ги проучуваат овие податоци, тој смета дека овие тестови ќе бидат навистина информативни. На ниту еден од волонтерите инфекцијата не ги зафатила белите дробови, а причината за тоа, според д-р Чиу, лежи во фактот што тие биле млади, здрави и погодени од мали количини на вирусот.

Во овие внимателно контролирани услови, истражувачите успеале да научат многу за вирусот и како тој се движи низ телото. Меѓу другото, на пример, дознале дека мала количина на вирусот, околу 10 микрони, што е количина од една капка кога некој кашла или кива, може да доведе до болест.

Исто така, увиделе дека Ковид-19 има многу краток период на инкубација и дека му се потребни околу два дена по инфекцијата за лицето да почне да го исфрла вирусот.

Истражувачите утврдиле и дека луѓето ослободуваат големи количини на вирусот пред да покажат симптоми и дека заразените луѓе можат да исфрлат високи нивоа на вирусот без никакви симптоми.

Тука е и сознанието дека вирусот може да се открие во задниот дел на грлото приближно 40 часа откако ќе влезе во телото. Биле потребни околу 58 часа за да се појави вирусот во брисевите од носот.

Патем, студија покажа дека брзите тестови направени дома многу добро функционираат во откривањето дали некое лице е заразно.

Др. Чиу вели дека неговата студија нагласува многу од она што веќе го знаеме за инфекциите со корона. Меѓу другото, вели тој, резултатите покажале зошто е толку важно да ги покриете устата и носот за да ги заштитите другите.

Оваа предизвикувачка студија беше толку успешна што д-р Чиу планира да ја повтори, но овој пат со вакцинирани лица заразени со варијантата делта. Целта е да се проучи имунолошкиот одговор на заразените. Тој вели дека неговиот тим, исто така, планира да продолжи да ги проучува луѓето кои не се разболеле.

Тоа е она што е навистина интересно“, истакна тој.

Приближно половина од учесниците во студијата никогаш не се разболеле и никогаш не развиле антитела и покрај тоа што ја примиле истата доза на вирус. Сите биле тестирани за антитела на тесно поврзани вируси, како што е оригиналниот вирус САРС. Значи, не е во прашање вкрстена заштита, туку е нешто друго.

Има многу други работи кои не штитат. Постојат бариери во носот, како и различни видови на протеини и работи кои се многу древни, исконски одбранбени системи и веројатно тие придонесуваат некои да не се заразат, а ние сме навистина заинтересирани да се обидеме да разбереме што е во прашање“, рече д-р Чиу.

Разбирањето на другите фактори би можело да помогне да се обезбеди поголема заштита на луѓето во случај на идна пандемија, пишува Си-Ен-Ен.

 

 

 

 

(Фото: МИА)