За десет дена во Крива Паланка 343 казни за неносење маски

На подрачјето на Општина Крива Паланка во изминатите десет дена, од 4-ти октомври до вчера изречени се вкупно 343 казни за неносење заштитни маски.

Според информациите од Секторот за внатрешни работи Куманово, бројот на изречени казни во изминатиот период е зголемен во однос на претходните недели.

-Во периодот од седум часот на четврти октомври 2020 до седум часот на четиринаесетти, на подрачјето на општина Кратово изречени се 137 казни за неносење заштитни маски, додека на подрачјето на општина Крива Паланка изречени се 343 казни за неносење заштитни маски на лицето, информираат од одделот за комуникација со јавност при СВР Куманово.

Во моментот вкупно 88 лица од Крива Паланка се наоѓаат во изолација, додека во Кратово се само четири изолирани лица, а МВР не бележи непочитување на мерката за изолација во наведениот период.

Со вчерашниот биланс на новодијагностицирани случаи со Ковид-19 објавен од страна на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, кога се регистрирани петмина новозаболени од Крива Паланка, вкупната бројка на активни случаи со Ковид-19 во оваа општина изнесува 54, додека Кратово има три активни случаи.

Во текот на изминатото деноноќие едно 83-годишно лице од Крива Паланка ја изгуби битката со Ковид-19 вирусот.