Белград и Приштина постигнаа договор за телекомуникациите кои вклучува и непречена работа на „Телеком на Србија“ на Косово.
Имотот на „Телеком“, зградите, продажниот простор, базните станици и се друго, се пренесува на „МТС доо“, ќерка фирма на „Телеком“ на Косово.
Договорот го осигурува трицифрениот повикувачки број за географската област Косово којшто ќе го побара Србија, додека повиците меѓу местата во централна Србија и оние на Косово ќе бидат третирани како меѓуградски.
Сигналот на „Телеком Србија“ ќе може да се фаќа таму каде што и сега може да се фати, а за две години ќе биде распишан тендер за сите мобилни оператори на целата територија.
Фиксната телефонија важи за целата територија на Косово. Преодниот период за неа ќе трае до распишување на тендер.
Косово, неофицијално, ќе го добие телефонскиот повикувачки број 383 кој ќе му го додели Меѓународната унија за телекомуникации (ИТУ).
Во рамките на постигнатиот договор, Србија е должна до 3 декември годинава до ИТУ да достави писмо во кое ќе изрази согласност на Косово да му се додели меѓународен повикувачки телефонски број. Косово, пак, се обврзува да и издаде времена и ограничена дозвола на компанијата „МТС доо“ која треба да биде регистрирана според косовските закони.
ИТУ, се очекува, најдоцна до 15 декември на Косово да му го додели повикувачкиот број 383, додека сите досегашни меѓународни повикувачки броеви кои ги користат фиксните и мобилните косовски провајдери (381, 377, 386) ќе бидат исфрлени од употреба.
Европската служба за надворешни работи (ЕААС) потврди дека претставниците на Белград и Приштина со посредство на ЕУ постигнале договор за понатамошна примена на Спогодбата за телекомуникациите од 2013, односно од 2015 година.
Од Брисел потсетуваат дека овој договор е постигнат во рамки на Бриселската спогодба од 2013 година, а потврден со Акциониот план од 2015 година.