Граѓанското здружене „Зелена лупа“, ќе поведе постапка за утврдување на кривична одговорност за најмалку 15-тина судии! меѓу кои и за претседателот на Врховен суд – Јово Вангеловски.
Сите пријави се однесуваат на случајот на СЈО, во кои обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски сега се во бегство.
Кривичните пријави се поднесени против судиите Ленка Давитковска, Татјана Михајлова и Дијана Груевска од Основниот суд Скопје 1, Лилјана Шопова, Сафет Кадриу и Цветанка Периќ од Апелацискиот суд Скопје, како и против судиите Јово Вангеловски, Фаик Арслани, Ристо Катавеноски и Џемаил Саити од Врховниот суд.
Сите пријави се за злоупотреба на службената положба, со намера други да прибават корист.
„ Основниот суд кој без проблем секојдневно штанца притвори со некакви клише-образложенија одеднаш почнува да го крши законот и во овој случај на СЈО не одредува притвор.
Апелацискиот суд, пак, ја преиначува одлуката и иако определи притвор, незаконски им дозволи на обвинетите право на жалба до Врховен суд и тоа жалба со одложено дејство.
Тоа не е никаде предвидено во Кривичниот законик. Но иронијата не застанува тука, Врховниот суд постапува, додека обвинетите се на слобода.
Тој што ја има способноста, ја има и одговорноста. Ова мора да запре, затоа поднесовме кривични пријави до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал – изјави адвокатот Благој Јовановски од „Зелена лупа“.