Земјотрес од 7,5 степени го погоди Перу, нема жртви

LinkSense.mk

Потрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала се случи во амазонска покраина на северот на Перу и се почуствува и во главниот град Лима, во централниот дел од таа држава. Земјотресот предизвика материјална штета. Нема дојава за загинати.

Сеизмографскиот центар при Геофизичкиот институт во Перу информираше дека земјотресот се случил на длабочина од 131 километар, а епицентарот бил на 98 километри од градот Санта Мариа де Ниева, во покраината Кондорканкви.

Не се забележани штети на 1.100 километри долгиот нафтовод сопственост на државната компанија „ПетроПеру“, кој го пресекува амазонското подрачје и се протега се до брегот на Тихиот океан на север.

Според податоците на цивилната заштита, десет лица се повредени, а 220 куќи се оштетени, од кои 81 се неподобни за живеење. Седумдесет и пет куќи се целосно срушени.

Потресот оштети и најмалку седум цркви и два трговски центри.

Некои делови во подрачјата на прашумата се без струја. Телевизиските снимки покажаа патишта затворени поради одрони на големи карпи.

Американскиот центар за тревога не објави предупредување за можно цунами.

Годишно се регистрираат по најмалку 400 потреси во Перу, држава која се наоѓа на работ на тихоокеанскиот огнен прстен кој се протега долж западниот брег на јужноамериканскиот континент.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)