Зибери: „Правењето меѓуетнички конфликт за амнестирање од направеното е опасна игра“

„Партиите на Албанците на погрешен начин ја потпишаа и на погрешен начин ја презентираа платформата, а со тоа им даде алиби на претседателот Ѓорге Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ да се фаќаат за сламка за спас од состојбата во која се наоѓаат”, вели поранешниот пратеник Насер Зибери во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Тој смета дека политичкиот естаблишмент игра на една опасна карта, да искористи евентуален меѓуетнички конфликт за покривање на својот политички резултат кој досега го имаа. Сметајќи дека тоа ќе ги амнестира за направеното, односно ненаправеното, бидејќи во вакви матни ситуации, каде што веќе престануваат да функционираат институциите на системот и да важи уставно-правниот поредок, тогаш излезот од кризата се бара само со политички средства, а не по словото на Уставот и правниот поредок во земјата. “Во тој случај мислам дека сметаат дека тоа би било излезно решение од ситуацијата во која се наоѓаат. Се разбира дека тоа е една многу опасна игра, бидејќи внесувањето тензија на меѓуетнички план, само по себе, продуцира нестабилност, со можности за безбедносни реперкусии за земјата, а тоа се разбира не оди во прилог на ниту една политика партија и на ниту една етничка заедница, ниту на целата држава”, вели Зибери.

Запрашан за Платформата на партиите на Албанците во Македонија, тој вели дека ваква платформа и начинот на кој беше презентирана, воопшто не беше потребна. Зибери смета дека прашањата кои стојат во таа декларација, која беше само потпишана во Тирана, поради неможноста да се координираат во земјава заради овие анимозитети кои постојат меѓу политичките актери, не се спорни по ниту една точка, освен прашањето на осудата на геноцидот врз Албанците, која е надвор од контекстот и политички и уставно-правен, бидејќи се повикува на периодот кога Македонија не постоела како држава. “С? друго е во рамките на политичките програми на тие политички партии, само тие на погрешен начин и дојдоа на консензус да ја потпишат и на погрешен начин ја презентираа, а со тоа им даде алиби на претседателот Ѓорѓе Иванов и на ВМРО-ДПМНЕ да се фаќаат за сламка за спас од состојбата во која се наоѓаат”, вели Зибери.