Златото над 1.200 долари за унца

Цените на фјучерсите за злато пораснаа на највисоко ниво во седум недели, затоа што инвеститорите се нафрлија на инвестициските фондови кои имаат покритија во злато, но и затоа што доларот ослабе непосредно после прес конференцијата на Доналд Трамп на која тој понуди многу малку детали за своите планови за економските поттикнувања.

Златото зајакна на над 1.200 долари за унца прв пат од крајот на ноември, со оглед на тоа дека цените на ЕТФ фондовите, со кои се тргува на берзите како со трговска стока, скокнаа најмногу од денот после американските претседателски избори.

Цената на фјучерсите за испорака во февруари порасна за 0,7 проценти, на 1.204,7 долари за унца во претпладневното тргување на Комекс берзата во Њујорк.

Во текот на тргувањето цената на овој метал во еден момент одеше и до 1.207,2 долари, што е највисоко ниво од 23 ноември минатата година.

Златото во оваа година зајакна за повеќе од 4,0 проценти поддржано од слабиот долар, чиј пад влијае на поголемата побарувачка за „жолтиот метал“ како алтернативна сопственост.

Фјучерсите за сребро за испорака во март пораснаа за 0,8 отсто, на 16,96 долари за унца, цената на фјучерсите за платина за април се искачи за 1,6 проценти, на 992,20 долари за унца, додека паладиумот за достава во март поскапе за 1,3 отсто, на 763.60 долари за унца.