Лидерот на СДСМ, партијата која ја предводеше Коалицијата „За живот во Македонија“ што освои 49 мандати во Собранито на последните парламентарни избори, веднаш зад ВМРО-ДПМНЕ, очекува претседателот Ѓорге Иванов да му го додели мандатот, откако мандатарот Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, не успеа за 20 дена да состави влада. Се друго значи кршење на Уставот, вели Зоран Заев.
„Како што рековме, Никола Груевски никогаш повеќе нема да биде премиер.
Се докажа дека Груевски го нема потребното мнозинство за да формира Влада.
ВМРО-ДПМНЕ синоќа на полноќ и официјално ја изгуби можноста да формира Влада.
Македонија нема време за губење. Демократските процеси се почнати, така одлучија над 612.000 граѓани од сите етнички заедници и Македонија мора да оди напред.
Очекувам Ѓорге Иванов да ми го додели мандатот за формирање нова Влада на Република Македонија! Сите поинакви опции ќе значат кршење на Уставот и злоупотреба на функцијата.
За целата домашна и меѓународна јавност е јасно веќе 50 дена, од денот на изборите, граѓаните избраа промени. Оттука, неопходно е да се формира Влада што ќе ја одразува мнозинската волја на сите граѓани.
На изборите во Македонија победи концептот на заедништво и новата Влада ќе ја гради Македонија во таа насока – во едно општество за сите граѓани, Зоран Заев
На Република Македонија и е потребна Влада што ќе ги обединува граѓаните наместо да ги дели. Потребна и е стабилна и одговорна Влада којашто ќе го подобри квалитетот на живот на сите луѓе во државата и ќе води реални политики. И Влада којашто ќе ги обезбеди стратешките интереси на граѓаните и на Македонија, а тоа се придвижувања кон евро-атлантските интеграции.
Ние сме подготвени и целосно посветени на формирање Влада којашто ќе ги спроведе реформите предвидени во Договорот од Пржино и итните реформски приоритети констатирани во извештаите на Прибе и на Европската комисија. Тоа ќе обезбеди владеење на правото и поставеност на институциите исклучиво во служба на граѓаните.
Таа Влада ќе гарантира дека сите граѓани без разлика на етничката или политичката припадност ќе имаат еднакви права и обврски пред законот и институциите.
Тоа го ветивме на граѓаните, живот во Македонија и Македонија за сите, и тоа имаме обврска, можеме, знаеме и сакаме да го постигнеме.
Република Македонија е созреана за нови, совесни и реални политики и нов начин на водење на државата исклучиво во интерес на своите граѓани, истаква во своето обраќање до јавноста претседателот на СДСМ“, Зоран Заев.