Иванов замина за Азербејџан

Македонскиот претседател, Ѓорге Иванов ќе учествува на Глобалниот форум во Баку, Азербејџан, на кој ќе се расправа за иднината на меѓународните односи.

Престојот на Иванов во Баку доаѓа во времето на големата политичка и институционална криза во Македонија, откако тој одби да му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и покрај тоа што има собрано 67 потписи.

Иванов присуствуваше и на претходните два форуми во Баку, а ова негово учество беше најавено од азербејџанските организатори уште пред неколку месеци.

Сепак, кризата дома го стави патувањето во сосем поинаков контекст.

На форумот во Баку ќе учествува и албанскиот претседател Бујан Нишани.

Не е познато дали двајцата претседатели, Иванов и Нишани, ќе имаат средба, на која би можело да се намалат тензиите меѓу двете држави по поддршката на албанскиот премиер на декларацијата на партиите на овдешните Албанци и секојдневните протести по македонските градови против неа.

Односите меѓу Скопје и Тирана дополнително се затегнаа овие денови по изјавата на пратеничката Месила Дода дека Македонија не постоела, дека тоа била стара албанска покраина и се викала Илирида.

„Нема да може ниту Иванов, Груевски или некој друг антиалбанец да си игра со животите на тамошните Албанци и да ја претворат во европската Палестина“, изјави пратеничката.

Месила Дода е најконзервативниот пратеник во албанскиот парламент со тврди националистички ставови. Таа е еден од основачите на Демократската партија на Сали Бериша и пратеник уште од 2001 година, но ја напушти во 2016 година и и се приклучи на Партијата на правда, интеграција и единство, која е застапник на националистичките делови во албанското општество, особено кога се во прашање правата на Чамите во Грција.