Избегнат судир меѓу авион и дрон над Лондон

Патнички авион за малку избегнал судир со беспилотно летало додека летал над највисоката кула во центарот на Лондон, се наведува во неодамна објавениот извештај.

Авионот А320 се приближувал кон аеродромот Хитроу во јули оваа година, летајќи на висина од 1.525 метри, над кулата Шард, кога пилотот забележал дрон крај десниот прозор од пилотската кабина.

Во извештајот на одборот на „УК Ерпрокс“ се оценува дека „среќата играла голема улога“ при избегнување на голема несреќа.

Избегнатиот судир ја нагласи загриженоста на многу стручни лица за авио-сообраќај поради се поголемата популарност на беспилотните летала.

Според британските закони, тој кошто управува со леталото мора да го гледа цело време, така што летот на таков уред кој за малку ќе удрел во авион бил незаконит.

Во извештајот се додава и тоа дека имало уште неколку слични инциденти во врска со ваков вид на летала, вклучувајќи и едно кое истиот месец за малку ќе удрело во авион на аеродромот во Ливерпул.