Извештајот на ГРЕКО е потврда за успесите во борбата против корупцијата

LinkSense.mk

„Владата предводена од Социјадемократскиот сојуз на Македонија продолжува со силната посветеност во спречување на корупцијата и незаконското дејствување во македонското општество“, се наведува во партиското соопштение по повод евидентираниот напредок на земјата во последниот извештај на ГРЕКО за Македонија.

Во извештајот бил нотиран напредок во делот за препораките за борба против корупција, што претставувал доказ дека борбата против коруптивните дејствувања во нашата земја е реална и ефикасна.

Патем, во документот позитивно се оценува спроведувањето на нивната препорака за објавувањето на имињата и висината на хонорарите на советниците на Владата и министрите, како и фактот дека за сите советници се применува тестот за интегритет.

Позитивна оценка доби и носењето на новиот Кодекс за етичко однесување, а посебен акцент е ставен на фактот дека се постапува согласно сите одредби од Кодексот, односно дека веќе има случаи на разрешени функционери.

ГРЕКО истакнува дека Владата предводена од СДСМ обезбедила значителни финансиски, материјални и човечки ресурси за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во однос на МВР, Извештајот потенцира дека е постигнат успех во исполнување на препораките за јавно објавување на сите претставки и предлози покренати за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници, назначување на посебни лица за интегритет и спроведување на континуирани обуки за сите полициски службеници.

„Досега, имплементирани се 13 од 23 забелешки на ГРЕКО, а останатите ќе бидат имплементирани до септември идната година. СДСМ како одговорна државотворна партија продолжува да креира и реализира мерки и политики кои значат бескомпромисна борба против сите видови на корупција“, се наведува во заклучокот на известувањето на социјалдемократите.