Инфлацијата во Европската унија забави во февруари, покажаа денеска новите проценки на „Евростат“.
На ниво на Унијата, годишната стапка на инфлација мерена со хармонизираниот индекс на потрошувачки цени, кој овозможува споредба меѓу земјите-членки, во февруари падна на 2,8 отсто. Во јануари таа изнесуваше 3,1 отсто.
Во еврозоната се лизна од 2,8 на 2,6 отсто, ја потврди „Евростат“ проценката од крајот на февруари.
На месечно ниво, цените во февруари пораснале за 0,6 отсто.
Во јануари тие се лизнале за 0,2 отсто во однос на декември, пресмета Европскиот завод за статистика, ревидирајќи ја проценката за зоната на примена на заедничката европска валута.
Минатиот месец во еврозоната најмногу поефтини енергијата, за 3,7 отсто, во однос на истиот период лани.
Свежата храна поскапе за 2,1 отсто, што е многу поблаго отколку на почетокот на годината кога цените и скокнаа за 6,9 отсто.
Во февруари лани, годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 8,5 отсто, а во ЕУ 9,9 отсто.
Највисока годишна стапка на инфлација во ЕУ, и во февруари, забележа Романија, од 7,1 отсто, објави „Евростат“.
Следи Хрватска со најголем раст на цените, за 4,8 отсто, во однос на февруари 2023 година. Иста стапка на инфлација Хрватска бележеше и во јануари.
Во групата со најсилен раст на цените е и Естонија, членка на еврозоната, каде е евидентиран раст од 4,4 отсто.
Најниска годишна стапка на инфлација во ЕУ во февруари забележаа Данска и Латвија, од 0,6 отсто, се наведува во извештајот.