Извршниот директор на „Мекдоналдс“ доби отказ заради врска со колешка

Стив Истербрук, извршниот директор на „Мекдоналдс“, доби отказ затоа што бил во врска со вработена во компанијата.

Мекдоналдс“ соопшти дека иако врската била на задоволство на двајцата, Истербрук ја „прекрши политиката на компанијата“ и покажа „лоша проценка“. Во мејлот што им го испрати на вработенитебританскиот бизнисмен призна дека врската со колешката била грешка.

Со оглед на вредностите на компанијата, се сложувам со Управниот одбор дека е време да си одам“, наведе Истербрук.

Истербрук (52), кој е разведен, почнал да работи во „Мекдоналдс“ во 1993 година како менаџер за подоцна да напредува. Од „Мек“ си заминал во 2011 година и станал шеф во „Пица експрес“ и тогашниот азиски ланец на ресторани „Вагамама“, но две години подоцна се враќа во старата фирма и на крајот станува шеф на рестораните за брза храна во Обединетото кралство и на северот на Европа. За извршен директор е именуван во 2015 година.

Нашироко му се припишуваат заслугите за унапредување на менито и рестораните, така што ги реновирал просториите и вовел подобри состојки за храната. За време на неговиот мандат вредноста на акциите на компанијата во САД скокнала повеќе од двојно. Под негово раководство „Мекдоналдс“ ги подобри опциите за достава и мобилно плаќање.

Одборот на гигантот за брза храна во петокот изгласа отказ за Истербрук. Според правилата на компанијата, на менаџерите им е забранета романса со вработени од понизок ранг. Истербрук се повлече и од местото претседател и член на управниот одбор на „Мекдоналдс“.

Компанијата е на мета на критики заради платите на своите вработени во рестораните, а Истербрук бил под надзор заради својата плата од 15,9 милиони долари во 2018 година. Таа била 2.124 пати поголема од просечната плата на вработените која изнесува 7.473 долари. Него ќе го замени Крис Кемпчински, кој беше претседател на „Мекдоналдс“ во САД.

Кемпчински во соопштението му се заблагодарува на Истербрук за придонесот којшто го дал за компанијата и за него лично.

Стив ме доведе во ‘Мекдоналдс’ и беше внимателен и голем ментор.“

 

 

(Фото: ЕПА)