Илон Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари

LinkSense.mk

Сопственикот на „Тесла Моторс“ и „СпејсХ“ и најбогат човек во светот, од вчера и официјално е газда Твитер. Тој ја купи социјалната мрежа за сума од 44 милијарди долари. Твитер доцна вечерта објави дека ја прифатил понудата на Маск.

Потврдуваме дека постигнавме дефинитивен договор за купопродажба. Компанијата ќе биде целосно купена од ентитет во сопственост на Илон Маск, за 54,20 долари по акција. Трансакцијата се проценува на околу 44 милијарди долари. По завршувањето на трансакцијата, Твитер ќе стане приватна компанија“, објавија од управниот одбор на Твитер.

Акционерите на Твитер ќе добијат по 52,20 долари за секоја акција што ја поседуваат во моментот на договорената трансакција. Куповната цена е 38% повисока од берзанската цена на акцијата на Твитер на 1 април 2022 година, последниот ден на тргување со акциите, пред Маск да објави дека купил удел од околу 9% од компанијата“, се вели во соопштението.

Маск така стана сопственик на платформата која ја смета за „јавно дигитално место на кое ќе се расправа за витално важни содржини за човештвото“.

„Слободата на говорот е основата на демократијата“, смета новиот газда на Твитер.

Да потсетиме, Илон Маск на почетокот на април купи 9,2% од Твитер. После објавата на таа информација, вредноста на акциите во таа компанија порасна за повеќе од 25%. Маск стана еден од најголемите акционери и имаше четири пати повеќе акции од основачот на Твитер, Џек Дорси. Уделот на Дорси беше 2,25%.

Една недела потоа, Маск даде понуда за купување на Твитер и рече дека, доколку неговата понуда не биде прифатена, „ќе размисли за неговата позиција на акционер“.

Решив да инвестирам во Твитер бидејќи верувам во неговиот потенцијал да биде платформа за слобода на говор ширум светот, а сметам дека слободата на говор е социјален императив за функционална демократија“, напиша Маск во пријавата до финансискиот регулатор.

Меѓутоа, откако инвестирав, сфатив дека компанијата во нејзината сегашна форма нема ниту да напредува, ниту, пак, ќе му служи на овој социјален императив. Твитер мора да стане приватна компанија. Има огромен потенцијал и јас ќе го ослободам“, додаде тој.

Маск е еден од најпопуларните корисници на Твитер, со повеќе од 80 милиони следбеници. Често објавува детали за своите фирми, поради што во повеќе наврати беше обвинет дека манипулира со пазарот, а против него се покренати и неколку истраги.

Во неделите пред да преземе 9% од акциите, Маск објавуваше за Твитер и алгоритмите што ја движат платформата. На 24 март, тој напиша дека е загрижен за, де факто, пристрасноста во алгоритамот што има големо влијание врз јавниот дискурс и сподели анкета во која ги повика своите следбеници да гласаат за тоа дали тој алгоритам треба да биде со отворен код.