Има ли подобар шеф? Своите работници ги носи на крстарење

Благодарение на идејата на шефот на компанијата „Берч Кабинет“, работниците на овој производител на канцелариски мебел ќе го заменат смрзнувањето во американската држава Ајова за сонце и плажи на Карипските острови.

Сите вработени во оваа компанија од градот Ватерло, повеќе од 800, во почетокот на следната година ќе одат на бесплатно крстарење, најавено е на Фејсбук страницата на компанијата.

„Заминуваме на 8 јануари. Прво со чартер летови ќе отпатуваме за Мајами каде ќе одседнеме во хотел со пет ѕвезди. Потоа, во понеделник, на 9 јануари тргнуваме на крстарење“, напишал на Фејсбук газдата Гери Берч.

Берч вели дека крстарењето е награда за остварените деловни цели. Тој пред една година крстарењето го понуди како поттик на вработените.

„Се обидовме да ги мотивираме нашите луѓе да ги остварат целите, како оние што се насочени на нашите клиенти, така и оние финансиските. И, успеавме…“, кусо изјави Берч за медиумите.