Индијци, Корејци и Турци заинтересирани за аеродромите во Црна Гора

На претквалификациски тендер за доделување на концесија за аеродромите во Црна Гора се пријавија седум компании.

Заинтересираност за закуп на аеродромите во Подгорица и Тиват пројавиле конзорциуми од Индија и Кореја, три турски компании и една од Ирска.

Владата во склад со Законот за концесии, на предлог на Министерството за сообраќај и поморство, го усвоила актот за доделување на концесија на двата аеродроми на најдобриот понудувач, кој ќе основа и регистрира фирма со седиште во Црна Гора за обавување на концесиска дејност.

Министерот за сообраќај Осман Нурковиќ за РТЦГ изјави дека еден месец после отварањето на понудите ќе биде познато кои фирми кои ја минале „претквалификациската фаза“, односно кои можат да влезат во процесот на класичен тендер.

„Ние ќе видиме кои компании ги исполниле условите и се стекнале со право да ги повикаме да достават понуди. Од денеска, од приемот на документациите, до решавањето треба да поминат 30 дена“, рече Нурковиќ.

За да се стопанисува со црногорските аеродроми владата во Подгорица има пропишано строги правила, според кои закупувачот мора авансно да уплати на сметка на државата 100 милиони евра, десет отсто од вкупниот приход да се одвојува како годишна концесија и да се вложат најмалку 80 милиони евра во првите три години во инвестиции, односно најмалку 200 милиони евра во текот на целиот концесиски период.