Индонезија: Вулкан „зароби“ стотици туристи

LinkSense.mk

Спасувачи се обидуваат да евакуираат повеќе стотици туристи кои останаа заробени на планината Ринџани, активен вулкан на индонезискиот остров Ломбок, откако земјотрес во кој настрадаа 17 лица предизвика свлечишта.

Околу 820 лица, повеќето странци, се наоѓаа на планината Ринџани кога силен земјотрес со силина од 6,4 степени според Рихтеровата скала го погоди Ломбок, после што две патеки останаа непроодни.

Според зборовите на директорот на националниот парк Ринџани, околу 300 туристи успеале да се спуштат до приземјето на планината.

„Информациите кои ги имаме од преживеаните се дека повеќе од 500 лица се заробени горе на планината и собрани во близина на вулканското езеро Сегара Анакан“, изјави Судијоно и изрази надеж дека спасувачите ќе стигнат таму на време и дека никому ништо не ќе му се случи.

Според официјални информации, бројот на загинатите во земјотресот се искачи на 17, додека повеќе од 150 се повредени, повеќето при рушење на згради.