„Иницијатива 8“, предлог платформа за трилатерална соработка меѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија

Забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот осум, изградба на политичка платформа за унапредување на меѓусебна соработка, интензивирање на политичката, економската, безбедносната,
културната и општествената размена се дел од „Иницијатива 8“, која е предлог платформа за трилатерална соработка меѓу Северна Македонија, Бугарија и Албанија која ја испрати министерот за надворешни работи Бујар Османи до неговите колеги од овие држави.

Министерот Османи, како што соопшти МНР, на самиот старт на новата година, упати писмо до министерките за надворешни работи на Бугарија и Албанија, Екатерина Захариева и Олта Џачка, преку кое предлага нова мултидисциплинарна иницијатива, политичка платформа преку која би се интензивирала и продлабочила меѓусебната соработка, како стратешки минтерес за трите држави.

„На основите на нашата интенција за забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот осум, да изградиме политичка платформа која ќе претставува дополнителен форум за унапредување на меѓусебната соработка, интензивирање на политичката, економската, безбедносната, културната им општествената размена, што секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на взаемното долгорочно пријателство“, пишува во писмото на Османи до Захариева и Џачка.

„Иницијативата 8“ ќе претставува трилатералната координација и соработка за поддршка на инвестициските проекти долж Коридорот осум. Отстранување на причините за постојаното одложување на овие проекти ќе претставува позитивен импулс за дополнителна политичка, економска, безбедносната, културна и општествена соработка меѓу трите земји, ќе има соодветен придонес и во унапредувањето на севкупната соработка и зајакнување на безбедноста во регионот, а ќе има особено влијание и врз заедничката цел за европските перспективи на целиот регион.

„Ова, секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи, како основен столб во изградбата на взаемното долгорочно пријателство. Како предводници на дипломатиите во трите држави на Балканот, членки на НАТО, преку кои се поврзува Јадранското со Црното море, како претставници на земјите кои го поврзуваат истокот со западот на Балканот, сметам дека имаме обврска да ги премостиме географските,
историските и политичките бариери кои го отежнуваат поврзувањето и ја обременуваат подлабоката соработка“, нагласува Османи во писмото.