Инфлацијата во еврозоната на рекордни 10,6 отсто

LinkSense.mk

Инфлацијата во еврозоната не стивнува и во октомври повторно го собори рекордот. Потрошувачките цени за 12 месеци пораснале за 10,6 отсто, објави вчеравечер Евростат, статистичката агенција на Европската унија.

Инфлацијата не била толку силна од воведувањето на заедничката европска валута во 1999 година.

Во исто време, Евростат ја коригира прелиминарната проценка пониско за 0,1 отсто.

Инфлацијата сè уште е главно поттикната од цените на енергенсите, кои од октомври лани се зголемија за 41,5 отсто.

Нагло пораснаа и цените на храната, од 11,8 отсто во септември на 13,1 отсто во октомври, а значително поскапеа и индустриските производи.

Базичната инфлација, без производите чии цени се подложни на големи промени, како што се енергијата и храната, скокна од 4,8 на 5 отсто.

Економистите оваа стапка ја гледаат како клучен показател за долгорочните движења на цените.

Но, стапката на раст на цените е различна за земјите од еврозоната: таа е најсилна во балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија, со повеќе од 20 проценти во секоја од нив.

На другиот крај на скалата се Франција, Шпанија и Малта со октомвриска инфлација под осум проценти.

Германија со своите 11,6 отсто, според европската методологија, е некаде во просекот.

Целта на Европската централна банка (ЕЦБ) да ја задржи инфлацијата под контрола на два проценти е одамна прекршена.

По извесно двоумење, ЕЦБ значително ја зголеми референтната каматна стапка.

Повисоките камати ги ладат производството, платите и побарувачката, а со тоа и инфлацијата.

Останува, сепак, отворено прашањето дали ЕЦБ ќе продолжи да ја зголемува каматната стапка, бидејќи финансиските пазари сметаат дека претстои рецесија и дека европските економии не треба да го стегаат ременот, бидејќи имаат доволно парализирачки проблеми поради војната во Украина.