Инфлацијата го крена биткоинот до небо

LinkSense.mk

Криптовалутите беа широко прифатени минатата година во Бразил и Индонезија, чии граѓани бараат заштита од инфлација во период на остар пад на вредноста на домашната валута, покажува истражувањето на американската берза за криптовалути „Гемини“ (Gemini).

Минатата година беше успешна за криптовалутите, покажа истражувањето, истакнувајќи ја, меѓу главните двигатели на побарувачката, инфлацијата во државите чии валути изгубиле вредност.

Гемини“ анкетираше речиси 30.000 луѓе во дваесет земји, од ноември лани до февруари оваа година.

Бразил и Индонезија предничат во светот во усвојувањето на криптовалутите, со 41 процент сопственици меѓу испитаниците. За споредба, нивниот удел во Америка е 20 отсто, а во Обединетото Кралство е 18 отсто, покажа истражувањето.

Во Европа, само 17 отсто од испитаниците изјавиле дека во 2021 година биле сопственици на дигитален имот, а само седум отсто од оние кои моментално не го поседуваат рекле дека имаат намера да купат.

Анкетата покажа дека испитаниците во земјите чии валути ослабнале во однос на доларот, имаат повеќе од пет пати поголеми шанси да купат криптовалути за да се заштитат од инфлација. Во САД и Европа, само 16 отсто од испитаниците веруваат дека криптовалутите штитат од инфлација, во споредба со 64 отсто во Индонезија и Индија.

Индиската рупија ослабе во однос на доларот за 17,5 отсто во последните пет години, додека индонезиската рупија меѓу 2011 и 2020 година потона за 50 отсто. „Гемини“ откри и тоа дека лани 79 отсто од сопствениците купиле дигитални средства поради нивниот долгорочен инвестициски потенцијал.

Најпопуларната криптовалута, биткоинот, во ноември го достигна своето највисоко ниво откако со неа почна да се тргува, надминувајќи 69.000 долари, со што вредноста на нејзиниот пазар достигна 3.000 милијарди долари, според „КоинГеко“ (CoinGeckou). Оваа година со биткоинот се тргува во опсег од 34 до 44 илјади долари.