Италија во немирни води

Аналитичарите ги кршат копјата околу тоа што ја чека Италија после пропаста на референдумот за темелни уставни промени и оставката на премиерот Матео Ренци.

Она за што, меѓутоа, сите се сложуваат е дека оваа земја влегува во период на политичка нестабилност.

Серџо Матарела, претседател на Италија
Серџо Матарела, претседател на Италија

Тоа го вклучи копчето за тревога во цела Европска унија, со оглед на тоа дека Италија е трета држава според стопанскиот развој во еврозоната. На потег е сега претседателот Серџо Матарела.

Без оглед на сценариото што ќе го одбере, тој ќе мора да го исполни условот техничката влада да го добие мнозинството, ако сака да го ибегне одржувањето на вонредни избори следната година.

Матарела, да речеме, би можел да го именува новиот мандатар кој претходно ќе ја обезбеди поддршката на сегашното, или проширеното мнозинство.

Карло Падоан, министер за финансии на Италија, кандидат за премиер
Карло Падоан, министер за финансии на Италија, кандидат за премиер

Западните медиуми споменуваат неколку имиња, меѓу кои Карло Падоан, министерот за финансии и Пјетро Грас, претседателот на Сенатот.

Теоретски, не е исклучена ниту опцијата Матарела од премиерот во заминување ренци да побара да формира нова влада.

И тој е меѓу кандидатите за нов премиер на Италија, Пјетро Грас, претседателот на Сенатот
И тој е меѓу кандидатите за нов премиер на Италија, Пјетро Грас, претседателот на Сенатот

Ренци, меѓутоа, после референдумот таа варијанта ја отфрли.

Новата влада би можела да го продолжи мандатот до истекот на сегашниот состав на парламентот, до 2018 година, иако некои партии, како што се популистичките Движење „Пет ѕвезди“ и Северна лига, побараа изборите да се распишат што поскоро.

Германскиот министер за финансии Волфранг Шојбле смета дека „нема причина за криза на еврото“, иако тоа падна на најнизок паритет за десет години, и се доближи до доларот.

Претседавачот во Еврогрупата, холандскиот министер Јерун Дејселблум, вели дека нема потреба за какви било вонредни мерки околу стабилноста на еврото.

Гувернерот на Француската банка и член на советот на гувернери на Европската централна банка, Вилроа де Гало, вели дека има полна доверба во отпорноста на еврото и еврозоната и „иако резултатот од референдумот во Италија прави нови грижи, тој не може да се спореди со одлуката на Велика Британија за отцепување од ЕУ“.

Во институциите и во повеќето влади во ЕУ се оценува дека движењето на силите кои сакаат распад на Унијата е делумно запрен со поразот на десницата на претседателските избори во Австрија.

Силите кои се за намалување на овластувањата на институциите на ЕУ, или се залагаат за излез од ЕУ и зоната на еврото, би добиле, во спротивно, нов поттик пред важните избори во Германија, Франција и Холандија.

Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека Европа во целина е на прав пат, но дека е тажна поради поразот на италијанскиот премиер Матео Ренци на референдумот, на кој граѓаните го отфрлија неговиот предлог за уставни реформи.

А нејзиниот шеф на дипломатијата, Франк-Валтер Штајнмаер смета дека резултатот од референдумот во Италија за уставните реформи, заради кој Ренци си заминува, не е крај на светот, ниту на Европа, но не е ниту позитивен среде општата криза на Стариот континент.

Четириесет и двегодишниот италијански премиер Матео Ренци, најмладиот до сега, четириесет и првиот претседател на владата во Италија после војната, е втор премиер меѓу членките на ЕУ кој оваа година мора да ја напушти функцијата после неуспешен референдум.

Пред него тоа го стори британецот Џејмс Камерон.

Во остатокот на ЕУ горат црвените сијалички затоа што популистите остварија неколку победи, оценува Дојче веле.

Матео Салвини, шеф на десноекстремниот Лего Норд, има амбиции да го отцепи северот на Италија од матицата. „Вива Трамп, вива Путин, вива Ле Пен“, пишува на „Твитер“
Матео Салвини, шеф на десноекстремниот Лего Норд, има амбиции да го отцепи северот на Италија од матицата.
„Вива Трамп, вива Путин, вива Ле Пен“, пишува на „Твитер“