Италијанскиот претседател Серџо Матарела го замоли вечерва премиерот Матео Ренци да ја одложи планираната оставка на таа функција додека парламентот не го одобри буџетот за 2017 година, што би можело да се случи во петок, јавуваат новинските агенции.
Ренци, кој се состана со Матарела, му рекол дека повеќе не може да остане на власт, но претседателот го замолил да остане на таа позиција додека буџетот не биде донесен, за да се спречат вонредните финансиски прописи да стапат на сила на 1 јануари, соопшти кабинетот на италијанскиот претседател.
Откако буџетот ќе биде донесен, премиерот би можел да поднесе оставка, се наведува во соопшѕението, пренесува Ројтерс.
Ренци најави дека ќе поднесе оставка на премиерската функција после претрпениот пораз на вчерашниот референдум на кој Италијанците гласно ги отфрлија неговите предложени измени на Уставот, кои имаа за цел јакнење на централната власт и радикална промена на парламентот низ смалување и ограничување на моќта на Сенатот.
Италијанскиот премиер на конференцијата за новинарите во Рим рече дека превзема полна одговорност за убедливиот пораз на референдумот.
Тој на јавноста и се обрати откако беа објавени прелиминарните неофицијални резултати, според кои против уставните реформи кои Ренци ги предложи гласале меѓу 57 и 61 отсто од гласачите, додека „за“ биле меѓу 39 и 43 отсто.
Ренци после две и пол години владеење, вечерва и официјално имаше намера да му ја предаде оставката на претседателот на Италија.