Итно ембарго на увоз на руска нафта, јаглен и гас

LinkSense.mk

Европскиот парламент повика на уште посилни санкции на Европската унија против Русија, вклучувајќи и целосен прекин на увоз на енергенси од таа земја, а со мерките да се опфати и сојузникот на Кремљ, Белорусија.

Во резолуцијата усвоена денеска со 513 гласа за, 22 против и 19 воздржани, европратениците повикаа на дополнителни санкции против Русија, за „итно целосно ембарго за увоз на руска нафта, јаглен, нуклеарно гориво и гас што е можно поскоро“, извести Европскиот парламент.

Ова треба да биде придружено со план за гарантирање на сигурноста на снабдувањето со енергија во Унијата, како и со стратегија за „запирање на санкциите доколку Русија преземе чекори за враќање на независноста, суверенитет и територијален интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и целосно да ги отстрани своите војници од земјата“.

Постоечките санкции сега мора целосно и ефективно да се применат низ целата Унија и кај меѓународните сојузници на ЕУ како приоритет, велат пратениците. Тие ги повикаа челниците на Европската унија да ја исклучат Русија од групата Г20 и од другите мултилатерални организации, како што се УНХРЦ, Интерпол, Светската трговска организација, УНЕСКО и други, „што би било важен знак дека меѓународната заедница нема да се врати на старо државата – агресор“.

За да ги направи санкциите поефективни, Парламентот повикува на исклучување на руските банки од системот SWIFT, забрана за влез на сите пловила поврзани на каков било начин со Русија во територијалните води на Унијата и закотвување во пристаништата на државите членки, како и да се забрани патниот транспорт на стоки од Русија и Белорусија.

Пратениците, исто така, бараат и запленување на „целиот имот на руските функционери или олигарси поврзани со режимот на Путин, нивните претставници и посредници, како и имоти во Белорусија поврзани со режимот на Лукашенко“.

Укажувајќи на вмешаноста на Белорусија во војната во Украина, во резолуцијата се бара санкциите против Белорусија да следат по санкциите за Русија, за да се затворат сите дупки во законот што на Путин му дозволуваат да ја користи помошта на Лукашенко за да ги заобиколи мерките, соопшти Европскиот парламент.

Пратениците укажуваат на шокантни злосторства кои „несомнено се сметаат за воени злосторства“ извршени од руските војници во Украина, особено во Буча, и на целосното или речиси целосното уништените Мариупол, Волновак и другите градови и села. Нагласуваат дека сторителите на воените злосторства мора да одговараат и повикуваат на воспоставување на посебен суд на Обединетите нации за злосторства во Украина.

Парламентот повторува дека испораката на оружје мора да продолжи и да се засили за да може Украина ефикасно да се брани.

Истакнувајќи дека речиси 6,5 милиони украински граѓани се внатрешно раселени и дека повеќе од 4 милиони луѓе ја напуштиле земјата поради војната, пратениците повикуваат на воспоставување безбедни хуманитарни коридори за евакуација на цивилите кои бегаат од бомбардирањето и на зајакнување на мрежите за хуманитарна помош на ЕУ во Украина.

Тие ја осудуваат руската реторика, наведувајќи дека можат да прибегнат кон употреба на оружје за масовно уништување и нагласуваат дека на секој таков обид ќе биде одговорено со најтешки последици.