И Романија протера руски дипломат

Одлуката за протерување од Романија на заменикот на военото аташе при амбасадата на Русија во Букурешт нема никаква врска со она што се случува во другите држави од Европската унија, ниту е дел од некаква кампања, изјави романскиот премиер Флорин Кацу.

Протерувањето на заменикот на военото аташе во руската амбасада не го поврзувам со каква било кампања или реакција на солидарност со други земји“, рече Кацу во изјава за телевизијата ТВР 1, во одговор на прашање дали Романија им се придружи на државите кои реагирале на акциите на Русија.

Романските власти одлучија да го прогласат Алексеј Гришаев за персона нон грата и да го протераат од романската територија затоа што „неговите активности и постапки се во спротивност со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година“, соопшти Министерство за надворешни работи на Романија.

Таа одлука и била соопштена на руската амбасада вчера, кога од амбасадорот Валериј Кузмин било побарано веднаш да се јави во романското МНР.