И Шпанија и Шведска ќе протераат руски дипломати

LinkSense.mk

Шпанија ќе протера околу 25 руски дипломати, изјави денеска шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, додека Шведска ќе протера тројца дипломати под обвинение за шпионажа, придружувајќи им се на другите земји од Европската унија во својот одговор на наводните воени злосторства на руските војници во Украина.

Одлучивме да ги протераме руските дипломати и персоналот на руската амбасада во Шпанија кои претставуваат закана за интересите и безбедноста на нашата земја“, рече Албарес после неделниот владин состанок, а не исклучува и други мерки.

Министерот додаде дека протерувањата се, исто така, одговор на „ужасните дела извршени во изминатите денови во Украина, особено во Буча, како и на оние кои денеска пријавени од Мариупол“, мислејќи на откривањето на масовна гробница и убивањето цивили во украинскиот град Буча.

Злосторствата не смеат да останат неказнети“, рече тој.

Албарес напомена дека неговата влада очекува Русија да протера сличен број шпански дипломати како одговор.

Тој, меѓутоа, истакна дека Шпанија нема да го протера рускиот амбасадор бидејќи Мадрид сака да го задржи својот амбасадор во Москва и да ги остави отворени дипломатските канали за разговори со Русија за завршување на војната.

Шведска ќе протера тројца руски дипломати поради шпионажа, изјави денеска напладне министерката за надворешни работи Ен Линде, придружувајќи им се на тој начин на другите европски земји кои протераа руски дипломати во последните денови.

Причината е што тие не ја следат Виенската конвенција и што преземаат незаконски операции за собирање разузнавачки информации“, им рече Линде на новинарите.

Франција, Белгија и Холандија неодамна протераа руски дипломати поради наводни шпионски активности. Потезите се совпаѓаат со бесот низ целиот континент поради извештаите за откривање на масовни гробници и убиства на цивили во украинскиот град Буча по повлекувањето на руските трупи, за кои Русија вели дека спроведуваат специјална операција во Украина.

Очигледно е дека се извршени воени злосторства“, рече Линде.

Кремљ, пак, негира какви било обвиненија поврзани со убиства на цивили, вклучително и во Буча.

Американскиот претседател Џо Бајден повика на рускиот претседател Владимир Путин да му се суди за воени злосторства, а Вашингтон ќе побара од Генералното собрание на ОН да ја суспендира Русија од Советот за човекови права.

Русија започна инвазија против Украина на 24 февруари, велејќи дека целта е демилитаризација на соседната земја. Украина и Западот тврдат дека инвазијата е нелегална и неоправдана.

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)