Каевски: Сакаме да го вратиме сјајот на атлетиката во нашата држава

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, очекува во периодот што следува, атлетиката во нашата земја да биде подигнато на едно повисоко ниво.

Прва можност за популаризација на „кралицата на спортовите“ во Македонија е
претстојното Европско првенство во клупски шампионат трета лига кое на 10 и 11 август ќе се одржи во Скопје.

„Една од најголемите заложби на Агенцијата за млади и спорт е организирање на големи манифестации кои што не само го промовираат спортот туку и убавините на нашата земја. Со организација на ова ЕП го ставаме Скопје на спортската светска мапа кој ќе биде домаќин на преку 430 учесници од повеќе од 14 земји. Во соработка со Атлетската федерација и во иднина ќе правиме вакви и слични активности со цел да
ја вратиме атлетиката на пиедесталот на спортови во нашата држава“, изјави Каевски на денешната прес-конференција.

Македонија на европскиот шампионат ќе ја претставуваат 26 атлетичари, од кои најмногу се очекува од Јован Стојоски, Дрита Ислами и Дарио Ивановски.

Претседателката на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска соопшти дека се е подготвено за евро-шампионатот.

Таа упати апел до вљубениците во атлетиката и спортот воопшто во голем број да
дојдат на стадионот и со своето присуство да го збогатат овој меѓународен настан.

Најголеми фаворити за влез во втората лига се Исланд и Србија, а покрај нив ќе учествуваат и натпреварувачи од Ерменија, Исланд, Србија, Албанија, Косово, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора….

Натпреварите ќе се одржуваат на Арената „Тоше Проески“.