Камчатка: Се сруши хеликоптер, осум загинати

Од 16 патници и членови на екипажот на хеликоптерот МИ-8 којшто вчера падна во Курилското езеро на Камчатка, на рускиот далечен Исток, преживеаја осум туристи, а другите загинаа.

Спасувачките екипи не можеа да го подигнат леталото и да ги извлечат телата на загинатите затоа што тие се наоѓаат на дното на езерото, на длабочина од 137 метри.

Се спасија тие патници кои после ударот на хеликоптерот на водата излетале од него. Меѓу нив се вториот пилот и механичарот. Тие успеале да се одржат на површината на водата додека таму не стаса екипа на Итна медицинска помош и ги подгина во чамци.

Дополнително, извлекувањето на телата на настраданите го отежнува и ниската температура на водата. Таа моментно е само пет степени и во неа човек не може долго да остане.

Чамци на спасувачките екипи на езерото брзо стигнаа до местото каде што потона хеликоптерот, но никако не можеа да им помогнат на оние кои останаа во него.

Патниците се туристи од Москва и Санкт Петербург кои дошле да ги разгледуваат убавините на Камчатка.

Сопственик на хеликоптерот е компанијата „Вотез-Аеро“ која се занимава со превоз на туристи.

За сега постојат две верзии за тоа шро го предизвикало паѓањето на леталото. Првата е неисправност на хеликоптерот, а втората е грешка на пилотот. Постои сомнеж дека тој заради слабата видливост помислил дека се приближува кон земјата и паднал во езерото.