Каталонските ѕвезди згаснаа во градот на светлината

„Светците“ вечерва ги засенија ѕвездите на Барселона во Париз. Роденденските славеници Анхел Ди Марија и Единсон Кавани, и Дракслер ја наполнија мрежата на Каталонците во првиот натпревар од осмина финалето во Лигата на шампионите. По деведесет минути игра на „Паркот на принцовите“ резултатот гласеше 4:0 за Пари Сен Жермен.

И во вториот натпревар во Лисабон, меѓу Бенфика и Борусија од Дортмунг, славеа домаќините. Бенфика со минимални 1:0 ја совлада најефикасната екипа од воведната фаза на натпреварувањето.

Скапоцените ѕвезди од Шпанија, заслепени од сопствениот сјај „паднаа“ ноќва во градот на светлината. Парижаните со маестрална игра се вивнаа во фудбалските височини – совладувајќи ја „Барса“ досега најубедливо.

Дека ова нема да биде пријатна вечер за Барселона, не пак обичен излет (поразена е само еднаш на гости во претходните 13 натпревали) се виде веднаш на стартот. Со отворена игра, јуришајќи преку брзите крила Ди Мариа и, посебно, Дракслер, ПСЖ му стави до знаење на, барем до пред мечот, каталонскиот фаворит дека нема што да бара во француската престолнина.

di maria

Храбрата игра на парижаните се исплатеше. Во 18 минута Анхел Ди Мариа од слободен удар од дваесетина метри постигна исклучително убав гол. Тер Штеген беше немоќен да стори било што. Брилијантна прослава на Аргентинецот за неговиот 29 роденден.

Фактот дека ПСЖ има и друго супер крило „Барса“ го почуствува во 40 минута. Меси ја загуби топката на средината на теренот, следеше брза акција на „сините“ која по извонредното додавање на Верати заврши со погодок на Дракслер.

Во вторите 45 минути „светците“ продолжија со добрата игра. По само десет минути игра во второто полувреме Ди Мариа повторно „ги спушти ѕвездите на земја“. Тер Штеген немоќен стоеше на голот и со поглед ја испрати топката во мрежата.

Дебаклот на Барселона во Париз го потврди Кавани во 72 минута, честитајќи си го 30 роденден на најдобар можен начин.

kavani

Борусија од Дортмунд вечерва го положи оружјето на преполнетиот „Ла Луж“ во Лисабон.

Иако „милионерите“ напаѓаа и во поголемиот дел од натпреварот ја имаа во посед топката, имаа дури и три големи шанси во првото полувреме, две преку Обамејанг, сепак на крајот се радуваше Бенфика.

Од единствената права шанса, после корнерот во 48 минута, по асистенцијата на Луиз кој вечерваго играше својот 500 натпревар за „орлите“, Митроглу го постигна единстевниот гол на мечот.

Benfika

Во 58 минута во казнетиот простор на Бенфика топката го погоди во раката домашниот фудбалер, српскиот интернационалец, Љубомир Фејс, и судијата покажа на белата точка. Обамејанг, меѓутоа, шутираше директно во голманот Едерсон и резултатот остана непроменет.

Во продолжението на мечот, отворената игра на двете екипи донесе неколку шанси и на домаќините и на гостите, но сепак на крајот натпреварот заврши 1:0 за Бенфика.