После спектакуларното отворање, вчера беше вториот ден од Мундијалот. Први на терен излегоа членовите на групата Б, а Англија на крајот со убедлив триумф од 6:2 го совлада Иран, и така им ги сруши соништата на 87 милиони жители на оваа земја кои веруваа во сензација.
На тревнатата површина на прекрасниот стадион „Калифа“ вчера излегоа две репрезентации, чии политички судири проникнуваат низ долгата историја на овие земји.
Тие датираат од англо-персиската војна, која се водела на територијата на Иран во 1856 година, па се до британската инвазија на оваа земја во 1941 година.
Ова беше прва можност за овој народ од Блискиот Исток, барем на спортското боиште да врати „мило за драго“ на земјата што му нанесе многу болка.
Сепак, нивните фудбалски миленици на теренот не ја покажаа потребната доза на дрскост, инает и ревност, за да го совладаат фаворизираниот противник предводен од ѕвездите на Премиер лигата.
Дали согореа во желбата за одмазда, или притисокот на народот и големата фудбалска сцена беше преголем за нивните плеќи… секако, избраниците на искусниот Карлос Кеирош во ниту еден момент не оставија впечаток на екипа што во кој било сегмент може да му парира на ривалот.
Почетокот на натпреварот го одбележаа застрашувачки сцени, стадионот занеме кога голманот Бејрандавно неподвижен лежеше на тревата речиси 15 минути, со крвав нос и во нокаут.
Чуварот на мрежата со сите сили се трудеше да остане на тревата и да и помогне на својата земја во еден од најголемите натпревари во нивната историја.
А, потоа, катастрофата на Иран прв ја објави англискиот вундеркинд од редовите на Борусија Дортмунд – Џуд Белингем. Фантастичен центаршут на Лук Шо и прекрасен удар со глава на момчето од фудбалската школа на Бирмингем за водство на „Гордиот Албион“.
По тој гол во 34. Минута, следуваше уште еден, а стрелец беше Букајо Сака. Корнерот од десната страна го изведе Трипије, Хари Мегваер беше највисок во скокот, а на спуштената топка со совршен удар реагираше Сака. Англиското златно момче со гол во 42. минута зголеми на 2:0.
Само четири минути подоцна беше 3:0, асистент Кејн, егзекутор Рахим Стерлинг. Тоа беше резултатот со кој се отиде во соблекувалните.
Иранците успеаја да дадат гол за надеж, по убавата завршница на Ареми, кој стигна до 29 гола во дресот на својата репрезентација.
Сепак, сите нивни соништа ги урна Сака. Тој откако ја измеша одбраната на противникот, ја испрати топката зад резервниот голман Хосеини.
На се се надоврза Маркус Рашфорд, кој првите допири со топката по влегувањето од клупата ги претвори во „злато“ и го зголеми резултатот на 5:1.
Подоцна гол постигна уште една замена, Џек Грелиш зголеми на 6:1.
Судијата, длабоко во судиското надополнување, покажа на белата точка, а Иран од пенал ги постави конечните 6:2. Стрелец повторно беше Тареми.
Во вториот натпревар од групата Б се среќаваат селекциите на Велс и Соединетите Американски Држави.
После тоа следува пауза во оваа група, по што Англичаните во следното коло одат во САД, додека Иран својата шанса ќе ја бара против Велс, предводен од Герет Бејл.