Кинеските авиони и бродови ја минаа линијата на поделба. Тајван „дигна“ авиони и испраќа бродови

LinkSense.mk

Кинеската војска истрела повеќе балистички ракети од типот Донгфенг во водите североисточно и југозападно од Тајван, соопшти тајванското Министерство за одбрана. Биле истрелани 11 проектили, речиси двојно повеќе отколку во јули 1995 година, за време на големата криза во Тајванскиот теснец, пренесува британски Телеграф.

Кинеската војска ја започна својата најголема воена вежба досега, што дополнително ги зголеми тензиите откако претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, го посети Тајван. Вежбата требаше да се одржи во шест зони, од кои некои, според Тајпеј, ги минуваат поморските и воздушните граници на Тајван. Набрзо беше додадена и седма зона, а времетраењето на вежбата беше продолжено од четири на пет дена, односно до понеделник до 10 часот.

Кинеската војска вежба одбрана од странска интервенција, изјави во интервју за кинеската државна телевизија генералот Менг Ксијангкинг, професор по стратегија на Универзитетот за национална одбрана во Пекинг.

Едната зона го покрива најтесниот дел од Тајванскиот теснец, додека другите зони може да се користат за блокирање на големо пристаниште или за напад на трите главни воени бази на Тајван, рече генералот.

Досега Кина се придржуваше до правилото дека средината на теснецот е граница што не може да се помине.

И Пентагон и Белата куќа се оградија од посетата на највисоко рангираниот американски функционер кој го посетил Тајван во последните 25 години. Од 1971 година, САД формално ја поддржува „политиката на една Кина“ и службено ја признаваат само владата во Пекинг, која го смета Тајван за дел од својата територија. Но, во исто време, САД го поддржуваат Тајван како оаза на демократијата и му испраќаат оружје.

Министрите за надворешни работи на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) предупредија дека заради високата напнатост расте ризикот од „погрешна проценка, сериозен конфликт, отворен конфликт и несогледливи последици меѓу големите сили“. Земјите од Г7 ја критикуваа реакцијата на Кина како заканувачки гест, кој ризикува непотребна ескалација.

Нема оправдување за користење на посетата како изговор за агресивна воена акција во Тајванскиот теснец“, велат тие.

Кинеската војска за време на вежбата ќе користи хиперсонични ракети „ДФ-17 и невидливи борбени авиони „Ј-20, пишува државниот весник Глобал тајмс.

Овие вежби се без преседан бидејќи се очекува дека конвенционални кинески ракети првпат да го прелетаат островот Тајван“, пишува весникот.

Овие вежби претставуваат де факто блокада на островот, тврди тајванското Министерство за одбрана. Министерството објави дека во средата навечер во два наврати кинески авиони влегле во воздушниот простор на Тајван. Најверојатно станува збор за беспилотни летала кои прелетале над островите Кинмен, со цел да се соберат разузнавачки информации од Тајван. Тајван истрела сигнални ракети за да ги избрка.

Минатата недела, војската на Тајван истрела ракети за да го предупреди беспилотното летало кое прелета над архипелагот Матсу во близина на брегот на кинеската провинција Фуџијан, веројатно испитувајќи ја неговата одбрана, соопшти тајванското Министерство за одбрана.

Кинеската војска објави дека за време на вежбата ракетите ќе паднат во морето во близина на источниот брег на Тајван. Предвидено е воените вежби да се одржат во близина на тајванските воени бази Хуалиен и Тајтунг. Целта е блокирање на каналот Баши и воздушниот простор над југозападниот пристанишен град Каосиунг, вториот по големина град во Тајван.

Во моментите кога почна кинеската вежба, во подрачјето Каосијунг, југозападно од Тајван влезе патролен авион на американската морнарица „П-8A Посејдон“ и противподморнички хеликоптер „МХ-60Р“, објавија кинески медиуми.

Непосредно пред доаѓањето на Ненси Пелоси, САД испратија четири воени бродови во водите околу Тајван, меѓу кои и носачот на авиони „Реган“. Кинезите испратија ракетен разорувач во водите источно од Тајван, веројатно од класата „Тјуп 055 Ренхај“, пишува „Тефеграф“. Овој воен брод го има најнапредниот интегриран електричен погонски систем, кој му овозможува да помине до 10.000 наутички милји без полнење гориво.

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)