Клоп: Во Ливерпул е прекрасно и тоа мораме да го искористиме

Тренерот на фудбалерите на Ливерпул, Јирген Клоп оцени дека неговата екипа може оваа сезона да ја освои шампионската титула, прва во Премиер лигата.

Ливерпул не бил шампион на Англија уште од 1990 година, две години пред да биде основана Премиер лига.

„Црвените“ во сезоната 2014-2014 со тренерот Брендан Роџерс беа близу до титулата, но шампионатот го завршија со два бода помалку од тогаш првопласираниот Манчестер сити.

Откако Клоп минатиот август ја превзеде екипата, навивачите се надеваат дека клубот може да стане шампион на Англија.

„Не се работи за времето од пред 25 години. Ние сме сега тука. Ние сме сегашна генерација. Мораме да ја завршиме нашата работа. Ајде да се обидеме да го направиме тоа. Доволно сме добри за такво нешто и овој клуб е доволно голем“, изјави Клоп за „Скај“.

Германскиот тренер наведе дека Ливерпул ќе успее да сочува одделни играчи за кои се заинтересирани големите европски клубови.

„Имаме сопственици какви што ни се потребни, затоа што тие не мораат да продаваат играчи. Од нашиот клуб никој не мора да си оди заради пари. Не сме клуб кој најдобро ги плаќа фудбалерите, но можеме да ги платиме доволно за да останат. Во овие моменти во Ливерпул е прекрасно и тоа мораме да го искористиме. Моментно сме многу добри, иднината ни е светла, ајде да се обидеме, рече Клоп.

После 17 коло во Премиер лигата, Ливерпул е втор на табелата со 37 бодови, шест помалку од Челзи.