Ковачки лаже, нема кражба на доверливи документи

LinkSense.mk

Министерството за одбрана остро ја осуди изјавата на пратеникот од опозициската ВМРО ДПМНЕ, Драган Ковачки, дадена денеска на прес конференција и го повика да не ја замајува јавноста со невистини.

Во реакцијата на министерството се наведува дека тие како и досега професионално и одговорно ги извршуваат своите задачи и транспарентно известуваат за сите случувања.

„За случајот со кражбата во одделението за одбрана кое е привремено сместено во простории на Јавно претпријатие, отворена е истрага од релевантните надлежни организациони единици во Министерството за одбрана кои во соработка со МВР треба да ја завршат оваа постапка. Во однос на обвинувањата на политичката партија претставена од поранешниот припадник на Армијата а сега пратеник Ковачки, информираме дека кривична одговорност ќе има и за сторителите но и за организаторот и поттикнувачот на овој криминал. Во однос на тоа со каков степен на класификација се документите никој не може да зборува пред да се заврши истрагата. Го повикуваме пратеникот Ковачки да се воздржи од ширење дезинформации и да ги прочита законските прописи кои изминатиот период покажа дека не му се јака страна. Ја известуваме јавноста дека не станува збор за документи кои можат да наштетат на виталните интереси на државата, бидејќи такви документи нема во компјутерите на подрачните одделенија за одбрана“, се наведува во реакцијата.

Претходно, Ковачки обвини дека втор ден Министерството за одбрана молчи за, наводно, украдени класифицирани документи и компјутери на кои имало строго доверливи документи чие неовластено откривање би предизвикало сериозна штета за виталните интереси на Македонија. Патем, побара оставки од министерката за одбрана, Славјанка Петровска и претседателот, Стево Пендаровски.