Ковид или грип

Кариерата ја започнав уште во комунистичко време, а доживеав првпат да се соочам со вистинска цензура во 2015. Повлекоа отпечатена насловна страница. Често, за да си го спасиме образот, во последен момент ги менувавме насловите на насловната страница за доушниците што беа ставени во печатница да немаат време да нѐ искодошат. Се обложувавме за колку време ќе стигне повик да се прекине со работа на некоја тема. Ќе се јавевме во Влада да поставиме прашање за тема за која не ни имавме намера да пишуваме и чекавме. Рекордот беше 20 минути. Толку време требаше прашањето испратено до Влада да го сврти кругот, да се врати во дирекција за да добиеме наредба да не пишуваме. Истата таа партија сега нуди обнова. Која обнова? Обнова на времето кога и мене ме прислушувале цели две и пол години? Кога месец и пол за време на предизборната кампања пролетта 2013 ми стоеше кола паркирана пред домот, онака најдрско, да го гледам истиот човек секое утро кога ги носев децата на школо. Кога ми беше страв да го пријавам во нашата полиција, па го пријавував во странски амбасади. Тоа беше во исто време кога се случи сообраќајката на новинарот Никола Младенов, за која можеби власта на ВМРО-ДПМНЕ не беше кабает, ама создаде атмосфера да се прашуваме „Кој е следниот?“ Видовме како заврши новинарот Томислав Кежаровски. Па бидејќи и тој притисок не беше доволен, газдите на весникот нарачуваа насловни страници против мене во конкурентски весници. Од собраниска говорница се закануваа. Шајки ми бодеа по телевизиите што сега ми глумат балансираност. Објавуваа безочни лаги. Нарачуваа хајки по разни медиуми, за полуписмени бараби да дебатираат за мојата плата и за мојот семеен живот. Па истите што нудат обнова и сега се закануваат – „Ќе видите вие на 16-ти!“. Значи, толку се нестрпливи за одмазда и крв, уште другиот ден би се пресметале со неистомислениците. Нема да чекаат ни 30 дена мандат за влада да добијат. Ни Мицкоски, а особено не пак екипата околу него, во ниту еден момент не покажаа дека се способни да ни ги гарантираат основните слободи. Кога од опозиција нѐ убедува дека тоа што го гледаш со свои очи не го гледаш, дека ракавиците се отсјај и кога покренува цела скопска полиција да ги заташка снимките од камерите во кафеана, за кој демократски капацитет зборуваме кога ќе дојде на власт? За каква обнова правиме муабет?
Целата колумна на СДК.мк