Колерата зема животи на Хаити

LinkSense.mk

Најмалку седум лица починаа од колера на Хаити, откако таа болест ненадејно се врати поради недостаток на гориво и чиста вода за пиење среде блокадата на земјата која ја предизвикаа криминални банди.

„Според информациите со кои располагаме, бројот на починати е седум или осум.

Денеска е евидентиран еден смртен случај“, соопштија надлежните, додавајќи дека тешко доаѓаат до информации од болниците.

Министерството за здравство претходно потврди еден случај во областа Порт-о-Пренс и додаде дека има сомнителни случаи во градот Сит Солеј, недалеку од главниот град.

Новиот случај на колера е откриен две години откако оваа карипска земја закрепна од епидемијата на колера која избувна во 2010 година и однесе околу 10.000 животи, за чие избувнување беа обвинети мировниците на Обединетите нации испратени на Хаити.

Панамериканската здравствена организација во 2020 година објави дека поминала една година на Хаити без потврдени случаи на колера.

Од минатиот месец, банди го блокираа главното пристаниште за прием на гориво во земјата, во знак на протест поради минатомесечните најави за поскапување на цената на истото. Многу болници се затворени или ја намалија работа поради недостаток на гориво за генераторите.

Компанијата „Карибијан“, клучен снабдувач на флаширана вода, соопшти дека повеќе не може да продолжи со производство и дистрибуција на вода бидејќи останала без дизел гориво.

Војници од Непал, каде што колерата е ендемична болест, беа на Хаити како дел од мировните сили на ОН распоредени во 2004 година, по соборувањето на претседателот Жан Бертран Аристид.

Мисијата беше зголемена после земјотресот на Хаити во 2010 година. Во 2016 година, Обединетите нации се извинија за епидемијата, но не презедоа одговорност за неа.

Во извештајот од 2011 година на независниот комитет кој го именуваше тогашниот генерален секретар на Организацијата, Бан Ки-Мун, не е утврдено како колерата била внесена на Хаити.

Членовите на комитетот заклучија дека „персонал“ поврзан со мировната мисија на ОН е „најверојатниот извор“.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: Танјуг/АП)