Коле, пријателе, жал ми е за тебе

LinkSense.mk

Пријатели? Кои се впрочем пријателите? Постојат безброј одговори на ова наизглед едноставно прашање. Едни тврдат дека вистинските пријатели впрочем не постојат и дека секој кога-тогаш ќе ви забие нож во грбот, а други, пак, веруваат дека постои вистинско пријателство и луѓе кои се подготвени да ви помогнат во добро и зло. Не е лесно да се согледа кој ти е вистински пријател, а кој не е. Можеш да имаш мноштво пријатели, но ретки се оние вистинските, пријателите кои се со тебе и кога плачеш и кога се смееш. Вистинскиот пријател секогаш ќе те сфати во која било ситуација и да се наоѓаш, во кој било момент, секогаш е до тебе и те храбри, те поддржува. Кога сите ќе зборат против тебе нешто лошо, твојот вистински пријател не ќе рече ништо лошо за тебе, напротив, само добро.

Пријателството е најтешката работа на светот за објаснување. Тоа не е нешто што се учи во школо. Пријателството е вредно за големи откажувања и жртви. Ако не научи што е смислата на пријателството, ништо не си научил…

Верувам дека постојат вистински пријатели кои се подготвени за вас да направат се, баш се, кои ви даваат сила и поддршка.

Пријателите ги сакаме, сакаме да бидеме со нив, и умее да биде непријатно чувството ако ни се чини дека не одбегнуваат. Тогаш обично се запрашувате дали вие нешто сте скривиле, или пак пријателите се тие кои лошо се однесуваат.

Пријателството како вредност е над сите други вредности.

Многу луѓе влегуваат во вашиот живот и излегуваат од него со брзина на светлоста, некој оставаат трага во вашите срца, а некој забораваат. Луѓето кои ви се пријатели не можете толку лесно да ги заборавите, тие се тука со вас дури и кога не се физички присутни, тие се тука за да ве поддржат.

Не ти се пишува добро, Коле, многу грешеше…

Грешеше за Скопје 2014, грешеше и за парапетчето, и за ѕидот за да не гледаш никој подолу од вас, грешеше и кога си ги бираше пријателите…

Грешеше, бе, пријателе, многу грешеше. Дилетантизмот во раководењето и нестручноста и површноста што ја имаше ти дојдоа на глава и ти го променија планот.

Ете, тие твои демек големи и елоквентни пријатели деновиве кренаа раце од тебе. Оние кои со леснотија ги извршуваа работите што ти ќе им ги платеше, прости погрешив, оние што ќе им ги дадеше. Ти го свртеа грбот. Сега ти пеат елегиска песна. Твоите пријатели, Коле, велат дека докторатот ти бил направен со крадење. Да, да, со крадење. Едниот те обвинува дека си украл материјали од истражувањето, анализата и физибилити студијата нарачана од нашата Влада. Платена била, вели твојот пријател, од наши пари, а била изработена од реномирана компанија од Лондон, за проектот ‘Слободна финансиска зона’ што требало да биде лоцирана во касарната Илинден.

Другиот, пак, вели дека си препишувач и лопов. Дека таков си бил и таков си останал.

Велат дека повеќе не ти служат, затоа што така го помагале злото, дека повеќе не ги исполнувале твоите наредби затоа што така самите станувале убијци.

Коле, до тоа дереџе стаса. Тие што те воздигнуваа, тие те туркаат надолу во бездната.

Не знам зошто но воопшто не ме изненадува нивниот вокабулар.

Коле, јазикот на пријателството не се зборови туку значења.

А требаше да знаеш. А треба и овие сега да знаат дека ако купените пријатели насетат дека некој паѓа, тие ја испраќаат и својата лојалност со него.

Дел од пријателите те напуштија, дел пак не знаат како да те напуштат, одамна те чувствуваат како камен околу вратот.

Пријател е некој кој го разбира твоето минато, верува во твојата иднина и без сомнеж те прифаќа денес онаков каков што си. Вистински пријател е оној кој те држи за рака, а го допира твоето срце. Вистинските пријатели во неволја се познаваат.

Ама ти околу себе собра чудни луѓе и ги нарекуваше пријатели. Сурови до бесвест, но и неуки. Обични извршители. Демонски актери кои ја одредуваа судбината на луѓето и уживаа во нивната покорност и болка, политиканти и политички манипулатори кои си поигруваа со државава.

За разлика од тебе јас ги имам пријателите. Можеби и кај мене се поткраднал некој, ама повеќето се многу вистински и си ги сакам од срце. И ќе живеам додека се тие со мене.

Пријателите, бе Коле, се како ангели кои треба да не кренат на нозе.

Што вели Бодлер, Не гледам никаква утеха во тоа што ќе ги надживеам пријателите и ќе останам само споменик на минати времиња.

Ти текнува ли, Коле, што зборуваше за мене додека бев во притвор. Не!? Еве, ќе те потсетам.

Се подбиваше со мене. Со одлучен, отсечен и убедлив тон говореше дека сум виртуелен тип, таму некој си. Ликуваше кога го говореше тоа. Устата ти беше развлечена од уво до уво и во таква положба ти остануваше долго време. На лице имаше видлива насмевка. Се секаваш? Говореше така од горе, од височините…

И неможевме бе пријателе да се познаваме. Те уверувам во тоа. Не можевме никако, никако не ни се вкрстуваа патиштата. Имавме дијаметрално спротивни движења. Прво, генерациски не сме тука некаде. Второ, додека ти ѓомити учеше за дивидента во Прилеп, оти таму, нели, одеа „одличните“, јас учев на Правен во Скопје.

Не се среќававме, Коле, ниту на одмори. Ти одеше на една, јас на друга страна. А и многу доцна тргна сам на море. Ако не се лажам, беше во Варна со уште два тројца брокери. Ти фати натаму, на истокот, јас, пак, крстарев по Јадран и долу на Егејско. Такви беа времињата.

Ама не сме ние иста категорија, бре човеку за да се познаваме, колку не разбираш.

Туку, сакам нешто да те прашам. Те прогонуваат ли сите лоши работи што ги стори? За засрамен не си знам, затоа што тоа е непознато за тебе.

Да, знам. Сега те оптоваруваат милион прашалници. Сега се најде пред најголемиот лавиринт во својот живот. Угоре високо, а удоле длабоко, многу длабоко… Но, всушност едноставно е. Признај што правеше, и барем малку ќе си олесниш.

А, секое одлагање е погубно.

Верувам дека човек кога се соочува со својот крај ја менува диоптријата, дека му се избиструва видот. Дека сега може јасно да види што е што и кој е кој.

Обиди се човеку да разбереш, дека немаш контрола над ситуацијата, иако знам дека тешко ти оди.

Не покажуваш слабост. Ама тоа не се крие, тоа се познава. Од авион се гледа дека кај тебе се е поинаку. Изгледаш чудно. Го немаш она витално чувство, пријателе, општото чувство на животот… Дестабилизиран си, загрижен, резигниран, замаен, очаен, со чувство на безвредност. Ти се познава по ликот. На моменти искривен, па аглест, па издолжен. Тонеш во сопствените црнила. Изгубен си. Веќе нема сидро со кое ќе се закотвиш во некое мирно пристаниште.

Оставен си на бришан простор. Не, не, не од мене. Од мене и така и така. Јас не ти се ситам. Дури и те сожалувам. Верувај ми.

Деградиран ти е сиот човечки потенцијал и сега не е можно ништо да се употреби од тебе. Се е безвредно.

Сакаш да бидеш слободен, ама не си. Сакаш да оставиш впечаток дека се е добро, дека си среден, дека се чувствуваш кул, дека се чувствуваш удобно, ама не си бе пријателе доволно уверлив во тоа..

Ги испушти сите конци, веќе ништо не зависи од тебе.

Ти си кулминација на злото кое човек на човека може да му го направи.

Те оставија пријателе на бришан простор. Твоите, најблиските, роднините, братучедите…

Соочисе со предизвиците. Посакуваш повторно да го имаш чувството дека леташ но веројатно си свесен дека бурата го пренасочи твојот лет, некаде во непознат правец, дека сега си на погрешен курс.

Некогаш Коле мислеше дека ќе владееш со години, долго еден век, па затвараше се од ред и кого треба и кого не треба и сам си беше импресиониран од постигнатото. Не беше ниту еден ниту двајца, беа стотици луѓе кои денеска си ги собираат остатоците од својот живот и ја пребродуваат својата болка. Ти исчезнаа темните нијанси на моќта. Мислеше бе човеку дека ќе испишеш многу книги, а не страници, дека само небото ти е граница, дека нема да изгрее сонцето без тебе. Уште така мислиш? Ако уште мислиш дека тоа е така, тогаш пријателе нема спас за тебе. Ниту Мице Дудучки не ќе може да те оправи. А човекот е мајстор на својот занает. Психијатар над психијатрите.

ПС: Јас, јас морам да ја истерам работата до крај… Со тебе!? Не, не… Ти, те уверувам, не си ми во агендата. За тебе има кој да се грижи. Јас морам да ја истерам работата со тие што што ти слугуваа, а сега се испопикани во глувчешки дупки. Ама уверен сум и ги уверувам дека еден по еден ќе ги извадам од таму.