Комплетно реконструирано Одделението за внатрешни работи во Крива Паланка

Делегација од Министерството за внатрешни работи на РС Македонија предводена од министерот, Оливер Спасовски, денеска присуствуваше на официјалното отворање на
реконструираните простории на ОВР Крива Паланка.

Најпрвин делегацијата во состав Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и ресурси, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, заменик директорот на Биро за јавна безбедност, Ариф Асани, помошник-министер за општи и заеднички работи Андријана Савеска и шеф на кабинетот на Спасовски, Митко Бојмацалиев, положија цвеќе пред споменикот на загинатите припадници од МВР во конфликтот 2001 година, пред ОВР Крива Паланка, а цвеќе положија и делегации од општината и членови на семејствата на загинатите.

„Објектот на полициската станица во Крива Паланка беше во оштетена и амортизирана градежна состојба, а за првпат по 30 години, откако е во владение на МВР се изврши реконструкцијата и санацијата. Градежните активности започнаа на 15 октомври и за само два месеци во лоши временски услови и состојба на пандемија, беа комплетно завршени. Градежните и занаетчиски работи опфатија: санација на кровната
конструкција, комплетна замена на старите, дрвени, прозорци со нови, ПВЦ-прозорци, замена на внатрешните врати, санација на подрумските и просториите за приведување и задржување, каде е поставено и подно греење согласно пропишани стандарди, направено е поплочување на скалите и поставен е ламинатен под во канцелариите“, рече Спасовски.

Тој додаде дека е поставена е комплетно нова енергетска фасада, нов пристап за управните служби со поставена пристапна рампа за лица со физичка попреченост, изработена е нова стражарска куќичка за обезбедување на објектот, комплетно се санирани санитарните јазли, и бетонски тротоар околу самиот објект.

„Заменета е старата со комплетно нова изолација, како и нова просторија за дежурната служба во ОВР Крива Паланка“, потенцира Спасовски.

Вредноста на целата реконструкција е околу девет милиони денари, или околу 146 илјади евра, а при изградбата се имплементирани мерки за енергетска ефикасност на објектот што значи и поголеми заштеди и поголема заштита на животната средина.

„Очекувам сето ова да придонесе и за што по квалитетно и по ефикасно извршување на работните задачи и активности на вработените во Одделението за внатрешни работи во Крива Паланка и уште по ефикасни резултати во сите сегменти од нивната дејност“, дополни Спасовски.