Константин Георгиески ќе биде кандидатот на СДСМ за градоначалник на Охрид

Актуелниот градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, ќе биде кандидатот за градоначалничката функција на СДСМ и на претстојните локални избори предвидени да се одржат во октомври оваа година.

Тоа го најави претседателот на владејачката партија, Зоран Заев, по вчерашната седница на Извршниот одбор, посочувајќи дека она што е направено во Охрид овие четири години е повеќе од два или два и пол мандати на претходни градоначалници, вклучително и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Георгиески се огласи преку социјалните мрежи посочувајќи дека довербата за него е голема чест, но и одговорност, а поддршката сила и мотив за нови победи.

„Цврсто чекориме по патот на успехот и овозможуваме посветла иднина за Охрид и за охриѓани. Убеден сум дека можеме да постигнеме уште повеќе. Време е да зацртаме и да тргнеме кон остварување на нови цели.

Време е уште еднаш да се обврземе пред граѓаните и пред себеси дека ќе работиме уште повеќе за интересите на нашиот град. Предводејќи ја локалната власт во Охрид, СДСМ покажа и докажа дека знае да креира квалитетни политики. Работевме одговорно, чесно и домаќински.

Реализиравме важни проекти, водејќи сметка за зачувување на природните, културните и духовните богатства. На претстојните локални избори продолжуваме со Вас граѓаните, Заедно Напред, за уште една голема победа во Охрид, напиша тој.

Константин Георгиески го зазеде местото градоначалник на Охрид победувајќи на вонредните локални избори одржани поради ненадејната смрт на претходниот градоначалник на Охрид, Јован Стојаноски.