Концерт на ансамблот „КонТемпора“ во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“

Ансамблот за современа музика „КонТемпора“ вечер од 18 часот ќе одржи концерт во средното музичко-балетско училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, на кој премиерно ќе изведе повеќе дела наградени на конкурсите на Министерството за култура за новосоздадени дела во изминатите неколку години.

„Ќе бидат изведени соло-песните на композиторите Љубомир Бранѓолица, Дамјан Темков, Филип Иванов, Стојан Стојков и дела за соло пијано на Борис Светиев и Тодор Трајчевски, соопшти Сојузот на композиторите на Македонија.

На концертот ќе настапат гости – солистите Александра Коцевска (мецосопран), Наташа Миха (сопран), Горан Начевски (баритон) и пијанистките Кристина Светиева, Емилија Потевска-Попивода и Мимоза Ќека.

Ансамблот „КонТемпора“ има дваесет инструменталисти со значително искуство во изведбата на современа музика и, во зависност од репертоарот, работи во различни инструментални формации. Од своето формирање пред неполни четири години изведува новосоздадени дела на македонски автори, но и на композитори од светот.

Премиерниот концерт на „КонТемпора“ беше одржан во септември 2014 година во рамки на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и сонграјтери  во Скопје. Во изминатите четири години имаше турнеи во Холандија, Белгија, Австрија, Словенија, Албанија, Бугарија, Америка, како и концерти и настапи на речиси сите значајни фестивали во Македонија.