Косовските власти не знаат каде се наоѓа Африм Исмаиловиќ, обвинет за „Монструм“

Косовските власти не знаат каде се наоѓа Африм Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм“, кој е во бегство и по кого македонските власти имаат распишано меѓународна потерница.

Министерството за правда на Косово го известило нашето Министерство за правда дека добиле одговор од надлежниот Јавен обвинител дека во моментот не е познато каде се наоѓа обвинетиот Африм Исмаиловиќ.

„Поради интересот на јавноста за екстрадиција на Африм Исмаиловиќ – обвинет во случајот „Монструм“, сакаме да ве информираме дека нашето министерство доби информација од страна на Министерството за правда на Косово дека добиле одговор од надлежниот Јавен обвинител дека во моментот не е познато каде се наоѓа обвинетиот Африм Исмаиловиќ, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Од Министерството за правда на Република Северна Македонија велат дека ќе испрати ургенција и ќе побараат од надлежните косовски власти да направат напори за пронаоѓање на лицето и негова екстрадиција со цел да биде изведено пред лицето на правдата.

Косовскиот министер за внатрешни работи Екрем Мустафа на 22 октомври при посетата на Скопје изјави дека обвинетите во случајот „Монструм“ Африм Исмаиловиќ и Алил Демири ќе бидат екстрадирани во земјава откако ќе бидат завршени сите законски процедури на Косово.

Мустафа рече дека Приштина ќе соработува со Скопје и оти Исмаиловиќ и Демири ќе бидат екстрадирани откако ќе се завршат процедурите во косовското Министерство за правда.

Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се меѓу обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. Двајцата се избегани на Косово, а властите во Скопје по нив распишаа меѓународна потреница и од Косово побараа да бидат екстрадирани во земјава.

 

 

 

 

ИЗВОР: МИА