Костадинов ги претстави доминантните цели за екологијата и одржливиот развој на Општина Струмица

LinkSense.mk

Кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ, Костадин Костадинов, денеска на прес-конференција ги претстави трите доминантни цели за екологијата и одржливиот развој – мерки за чист воздух, третман на зелените површини и паркови и зафаќање на атмосферските и отпадните води.

-Пречистителната станица претставува филтер, срце за населените места кои гравитираа во овој регион и има суштинско значење во одржливиот развој на Општина Струмица. Во регионот на населените места Сачево, Муртино и Градско Балдовци, како и Индустриската зона „Сачево“ со актуелниот развоен план на Општина Струмица предвиден е соодветен систем за третман на овие води. Поточно, фекалните канализациски системи од овие населени места преку изградба на главен фекален колектор ќе се поврзат со пречистителната станица, која е изградена во 2017 година во реонот помеѓу Дабиле и Сачево, рече Костадинов.

Тој најави постојано и акциско зголемување на зелените површини во градот и населените места, хортикултурно уредување и одржување на просторите околу станбените згради и домови, план за поставување подземни контејнери на повеќе места во градот и елиминација на дивите депонии.

-Во Струмица се наоѓа еден од најубавите градски паркови. Покрај овие „бели дробови“ редовно се одржуваат уште голем број помали паркови и уредени јавни површини во градот и сите населени места, за кои имаме јасна цел за понатамошно проширување и уредување, посочи кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ.

Додаде дека со ваков активен пристап и тековна изведба на зацртаните програми фокусирани кон екологијата, во континуитет се внимава за подобрување и унапредување на одржливиот развој во Општина Струмица.