Криза во Британија: БДП-то падна за 0,2 отсто во третиот квартал

LinkSense.mk

Британската економија се намали во периодот јули-септември 2022 година, што веројатно е почеток на долгорочна рецесија и дополнителен предизвик за министерот за финансии, Џереми Хант, кој се подготвува да ги зголеми даноците и да ја намали потрошувачката, пишува Ројтерс.

Бруто домашниот производ (БДП) на Обединетото Кралство падна за 0,2 отсто во третиот квартал, според денешните официјални податоци.

Тоа е помалку од проценката на аналитичарите кои во анкета на „Ројтерс“ очекуваа пад од 0,5 отсто бидејќи земјата се бори со тешка криза за трошоците на животот, а воедно тоа е прв пад на БДП од почетокот на 2021 година, кога Британија сè уште беше под строги ограничувања поради корона вирусот.

Банката на Англија минатата недела предупреди дека британската економија е на пат да влезе во рецесија која ќе трае најмалку две години ако каматните стапки се зголемат колку што пресметуваат инвеститорите.

Дури и без понатамошно зголемување на референтната стапка, британската економија ќе се намалува во пет од шесте квартали до крајот на 2023 година, проценува националната банка.

Само во септември, кога заради погребот на кралицата Елизабета еден ден беше прогласен за неработен, поради што беа затворени многу фирми, британската економија забележа месечен пад од 0,6 отсто, соопшти Канцеларијата за национална статистика.

Тоа е над просечната прогноза на економистите кои предвидуваа пад од 0,4 отсто и најголем од јануари 2021 година, кога во земјата беше прогласен строг карантин поради пандемијата со Ковид.

Податоците за БДП за август се ревидирани и покажуваат незначителен пад од 0,1 отсто во однос на првичните податоци за намалување од 0,3 отсто. Нагорно е ревидиран и податокот за јули, според кој БДП во тој месец се зголемил за 0,3 отсто, а не за 0,1 отсто, како што гласеше прелиминарната проценка на „статистичарите“.

Коментирајќи ги денешните статистички податоци за БДП, министерот Хант ги повтори предупредувањата дека ќе бидат потребни тешки одлуки за даноците и трошоците за да се поправат британските јавни финансии и да се врати довербата во економската политика на владата, која беше разнишана за време на краткиот премиерски мандат на Лиз Трус.

„Немам илузии дека пред нас е тежок пат кој ќе бара исклучително тешки одлуки за враќање на довербата и економската стабилност. За да постигнеме долгорочен, одржлив раст, потребно е да ја запреме инфлацијата, да ги избалансираме (буџетските) книги и да го намалиме долгот. Нема друг начин“, наведе Хант во соопштението.