Крос: Никогаш не би играл за Барса

Фудбалерот на Реал Мадрид, Тони Крос рече денеска дека никогаш не би играл за Барцелона и додаде дека по истекот на договорот можел да ја заврши кариерата на „Сантијаго Бернабе“.

Фудбалските легенди Роналдо, Луис Фиго и Луис Енрике играа и за Реал и за барцелона, но Крос наведе дека не размислува за премин на „Камп ноу“.

Тој минатиот месец го продолжи договорот со Реал до 2022 година, па така во клубот ќе остане до својата 32 година.

Германскиот фудбалер наговести дека по истекот на договорот би можел да ја заврши кариерата.

„Не предвидувам одење во Барцелона. Постојат одредени трансфери кои едноставно не се прават. Тоа има врска со почитување на традицијата и навивачите. Ќе наполнам 32 години кога ќе ми истече договорот, а не очекувам дека ќе играм со 38 или 39 години. Играчот со 32 години веќе му ги дал своите најдобри години на фудбалот, а и по прашањето на физичката подготовка ми се чини дека е тоа добар период за престанок на играчката кариера“, изјави Крос за „Кикер“.

Тој рекол дека сега не сака да размислува за престанок на кариерата или за тоа што ќе се случи до 2022 година.

„Реал Мадрид е мој клуб. Во последните две и пол години созреав во спортска смисла, а и лично. Од првиот ден добив позитивни реакции од соиграчите, навивачите и од тренерите“, додал Крос.