Крушевчани ќе добјат современа сала за театар и кино

Крушево почна да опремува мултифункционална сала во старата училишна зграда, со што младите од општината ќе добијат соодветно опремени театар и киносала.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, опремувањето на мултифункционалната сала е приоритетен проект избран од граѓаните преку форуми на заедници во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

„Овој проект е едно од најголемите барања на младите од Крушево. Имплементацијата ќе овозможи проширување на културно-забавниот живот на Крушево и ќе им даде повеќе можности на младите за неформално образование. Првпат ќе добиеме опремена киносала и простор за театарски претстави, а целата зграда во која е сместена салата ќе биде Младински културен центар“, рече Христоски.

Проектот за опремување на мултифункционалната сала во старото, горно училиште, е вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, а го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со министерствата за локална самоуправа и за финансии, со Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски
работници и со „UN Women“.