Куманово ќе постави мобилни станици за мерење на аерозагадувањето

LinkSense.mk

– Куманово склучи договор со приватна компанија за набавка на систем за мерење на аерозагадување, соопштија денеска од секторот за комунални дејности. За набавката на системот, Општината од буџетот ќе одвои 659.200 денари без данок на додадена вредност.

Договорот со избраната фирма од Скопје на јавна набавка е склучен на 11 ноември годинава и се очекува веќе од наредната недела да бидат утврдени точните локации за поставување на системот кој ќе го мери аерозагадувањето во градот.

Минатата година општината реализираше пилот-проект со фирма која монтираше поголем број на мобилни станици и мобилни мини станици на подрачје на општина Куманово на повеќе локации, кои беа објавени на општинскиот сајт и секој можеше да провери какво е загадувањето во тие делови од градот.

Надлежните се надеваат дека со оваа набавка општината ќе има детален увид во аерозагадувањето во одредени делови од Куманово. Во градот има една високопрофесионална мерна станица поставена пред повеќе од десет години во дворот на општата болница Куманово и токму болницата која се затоплува на мазут, според процените на стручните, е еден од најголемите загадувачи во градот. Од општата болница, претходно информираа дека привршува проектот за гасификација на болницата.

Наскоро се очекува приклучок на мрежата, по склучувањето на договорот со ЈП „Куманово-Гас“ по што ќе следи пробно пуштање на гас и тестирање на мрежата.