Кумановското училиште „Перо Наков“ во заеднички проект со училишта од Европа за социјално претприемништво

Наставници и ученици од кумановското средно училиште „Перо Наков“ го спроведуваат проектот за социјално претприемништво во соработка со други училишта и организации од државите од Европа, Хрватска, Турција, Кипар и Италија.

Како што соопштија денеска надлежните од училиштето, проектот „Мисли глобално, претприемај локално“, треба да ја подигне свеста кај учениците за важноста и потребата од социјалното претприемништво во средината во која живеат, или пак пошироко во државата.

Низ активностите планирани во овој проект, учениците ќе се стекнат со техники и методи како да се воочи општествениот проблем и да понудат решенија кои ќе придонесат ти е да се изградат во општествено одговорни личности, при што нивните идеи не мора да се фокусирани само на профитот, туку и на општото добро кое не секогаш значи и приход.

Во изминативе месеци, кога светот живее во услови на пандемија, потребата од социјални претпријатија е изразена повеќе од кога било порано, велат од училиштето.

За да се постигне оваа цел, наставниците ќе изработат наставен план за социјално претприемништво, водич за наставници и прирачник за наставници за социјално претприемништво.

Како дополнување на овие три труда, изработена е и брошура во која има наведено примери за добри практики на социјално претприемништво кај нас и во светот. Активностите од овој проект се одвиваат преку виртуелни обуки и работилници.

– Учеството во вакви проекти и меѓународната соработка за нас како наставници е од огромна важност за подобрување на самиот образовен процес и за подобрување на начинот преку кој ги стимулираме и учиме учениците да излезат од своите удобности и да пробаат нешто што и можеби не е така едноставно и лесно, т.е. да размислуваат на поинаков начин од другите и да ја поттикнат својата креативност, изјави координаторот на проектот Ивана Близнаковска-Доцевска.

На крајот од 2019 година за овој проект училиштето доби грант од програмата К2 на Еразмус +, поддржана од Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност на Република Северна Македонија и истиот треба да се имплементира до крајот на 2021 година.

Во овој проект, покрај СОУ „Перо Наков“ се вклучени и училишта од Хрватска и Турција, како и организации од Кипар и Италија.