Лажна дојава за поставена бомба во авион на летот Рим – Приштина

LinkSense.mk

Меѓународниот аеродром во Приштина синоќа добил закана дека во авионот кој летал од Рим кон косовската престолнина е подметната бомба, меѓутоа се испоставило дека дојавата е лажна, јави дописникот на МИА од Приштина.

Полициските власти информираа дека по приемот на дојавата, која стасала во време додека авионот бил во лет, била извршена контрола на авионот и на сиот багаж на патниците кои биле во него.

Информацијата предизвикала вознемиреност кај патниците, но нивната здравствена состојба е добра и набргу ситуацијата се смирила, објави шефот на полицијата на аеродромот „Адем Јашари“, Шпенд Малиќи.

„Околу 22 часот добивме информација за закана со бомба на летот од Рим за Приштина. Веднаш одговоривме со сите релевантни единици. Патниците беа евакуирани и е извршена контрола на авионот и на багажот, при што не е откриено ништо, изјави Малиќи за косовските медиуми.

Според него, во авионот имало околу 200 патници.

Инцидентот не предизвика доцнење на другите летови и работата на аеродромот набргу се нормализирала.

Изминатите недели имаше неколку лажни дојави за подметнати бомби во зградата на ректоратот на државниот универзитет „Хасан Приштина“, како и во едно средно училиште во косовскиот главен град.